1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама во земјата на Мандела

Американскиот претседател Барак Обама, кој неодамна беше на самитот Г8 во Ирска, а потоа во Берлин, сега е во посета на Африка. Тој пристигна во Преторија, каде луѓето се молат за тешко болниот екс-претседател Мандела.

Втората посета на американскиот претседател Барак Обама на Јужна Африка е засенета од тешката болест на поранешниот претседател и јужноафрикански национален херој, Нелсон Мандела. Обама нема да го посети во болницата, соопшти Белата куќа, единствено ќе се сретне со членови на неговото семејство.

Американскиот претседател во Јужна Африка, втора од трите држави кои ќе ги посети за време на африканската турнеја, пристигна синоќа. Обама во Преторија пристигна заедно со сопругата Мишел и двете ќерки, а на аеродромот беше пречекан од високи политички претставници на Јужна Африка. За време на посетата Обама ќе разговара со јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума, а ќе го посети и Совето, местото од каде почна борбата против апартхејдот. Тој ќе го посети и островот Робен, каде Нелсон Мандела помина поголем дел од заточеништвото долго 27 години.

Пред пристигнувањето на Обама околу илјада синдикалци демонстрираа во Преторија, а на транспарантите го обвинуваа за „воени злосторства“. И за викендов се закажани повеќе протестни собири.

Обама по Јужна Африка турнејата ја завршува со посета на Танзанија.

Првата негова станица беше Сенегал, каде вети американска поддршка во развојот на земјоделството. На средбата стигнаа илјадници сенгалски селани, мали претприемачи и бизнисмени. Многу од нив се погодени од намалените приноси на жетвата, кои ги редуцираат и примањата на земјата и предизвикуваат стравување од недостиг на храна за населението.