1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама вети целосна помош за настраданата Оклахома

Надлежните служби во американската сојузна држава која беше погодена од разурнувачко торнадо ја намалија проценката за бројот на жртвите од 90 на 24. Потрагата по евентуални преживеани се' уште трае.

Медицинските служби во Оклахома го ревидираа бројот на загинати во торнадото кое го погоди предградието на Оклахома Сити- Мур на 24 лица, меѓу нив седум деца. Спасувачки тимови ја продолжуваат потрагата по преживеани во урнатините од домовите, училиштата и болницата кои беа разурнати од невремето.

Повеќе од 100 луѓе биле повредени, меѓу нив и 50 деца. Едно основно училиште е целосно срамнето со земја и таму се уште трае потрагата по преживеани деца.

Торнадото било со ширина од речиси два километри, а ветровите дувале со брзина од преку 300 километри на час.

Американскиот претседател Барак Обама во обраќање до нацијата предмалку најави дека ќе ги стави на располагање сите владини ресурси за да се помогне во спасувањето на луѓето и во повторната изградба на нивните домови.

„Граѓаните на Мур треба да знаат дека нивната држава ќе остане до нив, на земјата, се додека им е потребна помош“, порача Обама.

Поширокиот регион кој беше погоден од разурнувачкото торнадо е без електрична енергија и вода. Спасувачите мораат рачно да ги отстрануваат шутот и урнатините и не можат да користат моторизирана опрема од страв дека би можеле да повредат некој од евентуално преживеаните.

Дополнителен проблем за нив е и пронаоѓањето на објектите под кои се сомневаат дека е можно да има преживеани. Уништувањето е толку драматично што ниту локалните служби не можат повеќе да ги пронајдат улиците и куќите кои претходно постоеле.

Националниот метеоролошки центар процени дека торнадото кое го погодило Мур било со јачина Ф4, второ по јачина на скалата Фуџита. Слично торнадо го погоди градчето Мур и во 1999 година. Метеоролошката служба предупреди дека невремето во поширокиот регион ќе продолжи и денеска, иако Мур и околината нема да бидат зафатени од него.

Најсмртоносното торнадо во историјата на САД се случи во мај 2011, кога во градчето Џоплин во Мизури загинаа 158 луѓе, а стотици беа повредени.