1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама бара лек против „должничката болест“

Во САД се шири загриженоста од намалувањето на рејтингот. Претседателот Обама ги повика партиите во земјата на заедништво, а Кина како најголем странски доверител на САД побара засилени мерки на штедење.

default

На насловните страници на сите американски списанија се истакнува фактот дека намалувањето на финансискиот рејтинг на клучната национална економија во светот се случува „за прв пат во историјата“. Необично е што Американците се чини дека се затекнати од одлуката на рејтинг агенција „Стандард енд Пурс“ за еден степен да го намали рејтингот на САД. Истата агенција меѓу другото уште кон средината на јули јавно соопшти дека таква одлука е можна.

Вина на политичарите

Експертот на спомнатата рејтинг-агенција Џон Чемберс во повеќе интервјуа за американските медиуми ги обвини политичарите во Вашингтон дека се виновни за ваквиот развој на настаните.

Obama USA Rede Schuldenkrise Zahlungsunfähigkeit Lösung

Претседателот Барак Обама

Директно запрашан дали натегањата меѓу републиканците и демократите биле една од причините за намалувањето на рејтингот, експертот Чемберс нагласува: „Да, тоа беше последната капка што ја прелеа чашата. Можеше да се преземат многу мерки против ваквата одлука, пред се’ границата за ново задолжување не требаше да се покачи во последен миг. Со навремен чекор ќе се одбегнеше целата сегашна дебата“.

Несигурност се шири меѓу компаниите

Наместо тоа сега целото стопанство е доведено во ситуација на несигурност. Освен тоа предвидените мерки за штедење од 2,1 билион долари во наредните четири години не се доволни за на долг рок да се спречи натамошното прекумерно задолжување на светската супер-сила. Според експертот на „Стандард енд Пурс“, требало да се укинат и даночните олеснувања за најбогатите Американци, што на министерстото за финансии би му донело околу 900 милијарди долари во наредните 10 години. Такво барање постави и претседателот Барак Обама во натегањата околу буџетот, но не успеа да се пробие поради отпорот на конзервативната Републиканска партија. Експертот Алан Чертоф нагласува: „Она што агенцијата ’Стандард енд Пурс’ го вели е дека компромисот, што беше склучен на почетокот на неделава за да се одбегне неликвидноста на земјата, не е доволно ефикасен. Мерките не се доволни за да се стабилизира ситуацијата со американскиот долг.“

US Kongress Barack Obama hält eine Rede zur Lage der Nation in Washington

Пратениците на американскиот Конгрес во пленум

Нема потреба од паника

Некои од неговите колеги во САД посочуваат и на фактот дека намалувањето на најдобриот рејтинг за еден степен воопшто не е толку страшно. Тоа е и понатаму многу добра оценка на кредибилноста на САД. Таа не би морала воопшто да води автоматски кон влошување на економската ситуација. За тоа зборува и искуството на Јапонија, на чие стопанство воопшто не му наштети истото намалување на кредибилитетот.

Потегот на рејтинг агенција предизвика промена во свеста на политички Вашигнтон. На политичарите, имено, им стана јасно дека ќе мора повеќе да се штеди, при што се чини дека се неизбежни покачувања на даноците.

„Можно е агенцијата за две години да го намали рејтингот за уште еден степен, во случај да дојде до заклучок дека состојбата во американскиот буџет на се подобрила. Првото намалување треба да се разбере повеќе како сигнал на предупредување дека проблемите со намалување на кредибилитетот на светската супер сила воопшто не се завршени“, појаснува експертот Чертоф.

Во секој случај одлуката на рејтинг агенцијата е тежок удар на администрацијата на Барак Обама. Сега сите очи се свртени кон реакциите на берзите в понеделник.

Автор: Клаус Кастан / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM