1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама бара компромис во должничката криза на САД

Републиканците и демократите во САД не ги надминаа несогласувањата околу надминувањето на должничката криза на земјата. Тие закажаа нова средба за денеска. Обама ги повика републиканците на отстапки.

default

Високи претставници на двете партии од Конгресот во Вашингтон на вчерашната едноипол часовна средба повторно не постигнаа согласност за неопходното зголемување на границата на максимално задолжување на САД, но за денеска договорија нова трета средба. Претседателот Барак Обама уште еднаш ги повика опозициските републиканци да направат отстапки. Тој навести дека во потрагата по компромис е подготвен да оди и против волјата на неговата партија. На крајот треба да биде постигнат договор, кој би предвидувал како скратување на социјалните бенефиции така и зголемување на даноците за богатите со цел санација на државниот буџет.

Десничарското крило на републиканците досега стриктно ги отфрлаше предлозите за зголемување на даноците, додека пак демократите на Обама се противат на кратењето на социјалните придобивки. Со месеци американскиот Конгрес спори околу неопходното зголемување на законската граница за максимално задолжување, која во моментов изнесува 14,3 билиони долари или околу 10 милиони евра. Американската влада може само до почетокот на август да зема кредити и да ги враќа долговите. Потоа законската граница за задолжување ќе биде надмината и доколку дотогаш не биде зголемена, на САД им се заканува банкрот.

Автор: СН/ТТ/дв

Редактор: Борис Георгиевски