1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нуланд ќе посредува во спорот околу името

Американската амбасадорка Викторија Нуланд ќе посредува во решавањето на грчко македонскиот спор околу името, Потврдено е во Скопје. Таа веројатно ќе се сретне со министерот за одбрана Лазар Еленовски во Брисел

default

Нуланд и Груевски при средбата во Скопје на крајот на минатата година

Македонскиот државно владин врв го поздравува вклучувањето на Стејт Департментот во решавањето на спорот околу името меѓу Македонија и Грција. Во Скопје е потврдено дека Викторија Нуланд, амбасадорката на САД во НАТО, е новиот медијатор во македонско грчкиот спор. Би било многу опасно ако правото за вето во НАТО Грција го трансформира во право да и избере име на Република Македонија, оваа најнова оценка македонскиот претседател Бранко Црвенковски ја соопшти во Словачка, четири дена откако високиот американски функционер Даниел Фрид беше во Скопје со него и со премиерот Никола Груевски. За разлика од шефот на државата, премиерот Груевски денеска ги одбегна новинарите, иако се појави пред владата. Во битката да се добијат приврзеници за одбегнување на грчкото вето, македонските министри се низ Европа, министерот за надворешни работи Антонио Милошовски е во Холандија, министерот за одбрана Лазар Еленовски е во Франција. Утре во Брисел македонскиот министер за одбрана прв би се сретнал со американската министерка во НАТО Нуланд во нејзината нова улога во посредник во грчко македонскиот спор околу името.

За Еленовски НАТО е приоритет

Министерот за одбрана спаѓа во ретките политичари во владата на Македонија, кои заговараат пофлексибилен однос во преговорите со Грција, наспроти приоритетот- влез во НАТО. Еленовски во интервју за Дојче Веле пред неуспешната мисија на Метју Нимиц рече дека по независноста НАТО е втората шанса за Македонија, дека е клучен приоритет кој би ги отфрлил сите сценарија кои ја следат земјата во 16-те години од независноста.

Еленовски од американската амбасадорка Нуланд прв ќе ги чуе нејзините планови како таа и Стејт Департментот ќе се обидат да ги премостат македонско грчките разлики. Викторија Нуланд беше првиот амбасадор од членките на НАТО која допатува во Скопје пред пет месеци и по средбата со премиерот Никола Груевски беше категорична дека Скопје и Атина мора да се вратат на преговарачка маса. Името не е критериум за членство во НАТО, но политиката на добрососедство е важен принцип од Повелбата за основањето на НАТО. По средбата со неа, лидерот на НСДП Тито Петковски рече прв дека Нуланд била децидна- македонската јавност треба да се подготвува за компромис околу името.

DW.COM