1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нудам весник, барам читатели

Весниците долго време играа важна улога во животот во Германија. Сега се затвора „Фајненшл тајмс Дојчланд“, „Франкфуртер рундшау“ прогласи банкрот, знак дека многу нема да го преживеат нападот на дигиталната ера.

Германија, земја на весниците! Колпортерите ги туркаат своите полни колички низ градските улици, во семејствата се пие утринско кафе и заедно со најновите вести се седнува на појадок.

Вака беше со децении. Весникот беше дневен пријател, извор на информации број еден. Настани и пазари, време и црна хроника, спорт и брошури за супермаркетите – сето ова беше таму. Но сега не е веќе така. На германските весници не им оди добро.

Deutschland Zeitungsmarkt Print

На железничка станица

За десет години, тиражот на дневните весници се намали за скоро четвртина и има тенденција да продолжи да паѓа. Во септември 2012. банкротираше „Абендцајтунг“ од Нирнберг, најстариот таблоид во Германија основан во 1919. година.

„Франкфуртер рундшау“ отиде во банкрот

Сега и „Франкфуртер рундшау“ (ФР), еден од весниците со најбогата традиција, исто така прогласи банкрот. Ова не значи дека ќе се затвори – туку дека не е се‘ така добро во време кога акционерите говорат дека континуирано имаат високи загуби.

Има ли се‘ уште место за весниците во германските домови и во возовите? Дали весникот има иднина во Германија?

„Не мислам дека браншата изумира“, вели експертот Гинтер Рагер. „Сепак таа има сериозни проблеми. Мислам дека за десет години нема да изгледа како што изгледа денес“.

Porträt Günther Rager

Гинтер Рагер

Како професор по новинарство, Рагер спроведе повеќе истражувања за германскиот печат. Сега е пензиониран и е претплатен на три весници. Вели дека пазарот е многу променет. „Изгледа дека во блиска иднина нема да се најде решение за да се придобијат голем број млади луѓе да купуваат весници“.

Младите на возраст од 14 до 29 години поретко читаат весници од нивните родители. Читателите мигрираат кон интернетот, а со тоа таму мигрира и рекламната индустрија, што уште повеќе ја отежнува ситуацијата за весниците.

Весници за познавачите

Во Здружението на германски новински издавачи не стравуваат од иднината. „Но, не знаеме што ќе се случи во иднина. Во последните неколку години, весникарската индустрија поминува низ огромен трансформациски процес“, вели портпаролката Ања Паскуај.

И покрај сета несигурност, федерацијата е претпазливо оптимистична: „Ако мислите на тоа како ќе изгледа германската новинска индустрија за десет, дваесет или триесет години, ние очекуваме дека се’ уште ќе има печатени весници кои се продаваат и читаат“, вели Паскуај.

Според нејзе, весникот на иднината можеби ќе стане нешто само за познавачите. „Според информациите и развојот, верувам дека весникот ќе има значајна долгорочна публика во одреден дел од популацијата, која е подобро образувана и може да си дозволи весник и не сака да ги добива своите информации само онлајн“.

Големи политички случувања и мали кратци на велосипеди

Deutschland Zeitungsmarkt Print

Киоск во Берлин

„Франкфуртер рундшау“ најверојатно нема да учествува во овие случувања – опаѓањето на индустријата е само една причина за неговиот банкрот.

Експертите го обвинуваат скапиот обид на овој весник да биде и регионален и национален весник. Шокираните вработени, кои се обидуваат да останат оптимисти, напишаа: „И натаму ќе пишуваме за големи политички случувања и мали крадци на велосипеди“.

Горката иронија на банкротот е што погоди весник кој има долга традиција и високи стандарди. „Франкфуртер рундшау“ дури го изменаџира префрлањето на интернет и Ајпед многу подобро од другите. Сервисот за медиумската бранша, Крес соопшти дека во „Франкфуртер рундшау“ се двоумеле дали можат да продолжат само како дигитален весник. Одговорот е: не.

Ова не е добар ден за нашата демократија“

Иронично, двата најголеми конкуренти сега се загрижени за банкротот на „Франкфуртер рундшау“ и што тоа ќе значи за германската медумска сфера. Во конкурентскиот „Франкфуртер алгемајн цајтунг“ издавачот изразува страв за мрачна иднина: „Кога последниот пристоен весник ќе згасне, ќе останат само брборењата“.

Во „Тагесцајтунг“, лево ориентиран национален весник како „Франкфуртер рундшау“ , уредникот Инес Пол напиша, „Вчера не беше добар ден за нашата демократија, која се развива заштитена од критичкото новинарство. ’Франкфуртер рундшау’ беше првиот квалитетен весник кој поднесе банкрот во Германија. Најверојатно нема да биде последен.“

Според Ања Паскуај, Германија има 1,532 различни локални печатени изданија. „Ова е многу. Во споредба со други земји, оваа бројка е голема“, смета таа. Во Германија постојат уште 330 издавачи на весници и околу 130 весници со целосна уредничка одговорност. Германскиот пазар на весници се‘ уште е најголемиот во Европа и е петтиот најголем во светот. Сепак, од година во година шушка се’ помалку.