1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НСУ-процес: Места за странски новинари мора да има

Спорот околу доделувањето места во салата во Покраинскиот суд во Минхен, кадешто ќе се одвива НСУ-судскиот процес, траеше со недели. Сега Уставниот суд во Карлсруе донесе одлука да се доделат места на странски новинари.

По неколкунеделни дебати меѓу правосудството и медиумите, случајот со доделување места во судската сала во Покраинскиот суд во Минхен, кадешто ќе се одвива процесот протв осомничената десна терористка Беате Чепе и нејзините помагачи доби разврска пред Уставниот суд. Судот вчеравечер (12.04) донесе одлука да бидат доделени „соодветен број места за седење“ на претставници на странски медиуми кои имаат посебна поврзаност со жртвите во случаите за кои се води процесот. Можно би било во процесот против НСУ (Националсоцијалистичко подземје) да биде доделен дополнителен контингент места за седење, не помалку од три, кои би биле распределени по принцип на приоритет или со извлекување, беше речено во Карлсруе. На судот му е оставена можност и да ги подели местата во судската сала со специјална постапка или акредитација, според сосема поинакви правила.

На сите заинтересирани турски и грчки новинари претходно не им беше доделено место во судската сала во Минхен затоа што не поднесле барање за следење на процесот доволно бргу. Турскиот весник „Сабах“ поради тоа поднесе тужба пред Уставниот суд во Карлсруе. Интересот на турските медиуми за процесот е огромен, поради тоа што осум од десетте жртви на НСУ се со турско потекло. Меѓутоа, судот во Минхен 50-те места резервирани за медиумите во салата кадешто ќе се одвива судскиот процес против Беате Чепе ги подели според редоследот на пристигнување на барањата за акредитација. Најбрзите 50 новинари добија место, а останатите останаа со празни раце. Меѓу оние што добија место се претставници речиси исклучиво на германски медиуми.

Весникот „Сабах“ на одлуката на Уставниот суд реагираше со олеснување. „Судот ни‘ даде за право и испрати јасен сигнал“, рече заменикот главен уредник Исмаил Ерел во изјава за агенцијата ДПА. И претседателот на турската заедница во Германија Кенан Колат ја пофали одлуката на Уставниот суд. „Добро е што имаме Уставен суд“, рече тој.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во првите рекации по одлуката на судот во Карлсруе рече дека веста ја примил „со олеснување“. Раководителката на Сојузната служба за анти-дискриминација, Кристине Лидерс, рече дека судиите на Уставниот суд со своето решение ставиле крај на една „недостојна дебата“. Слични изјави дадоа и заменикот претседател на СПД Ајдан Озогуз и шефицата на пратеничката група на Зелените, Ренате Кинаст.