1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НСА следи милијарди податоци од мобилните телефони?

НСА секојдневно следи речиси пет милијарди податоци од мобилните телефони во целиот свет, информира „Вашингтон пост“. Со тоа американската тајна служба може да го следи речиси секое движење на еден мобилен телефон.

Кој со себе носи телефон може да биде лоциран - тоа не е новина. Сѐ додека еден телефон е вклучен, тој испраќа сигнали до далноводот за мобилни во негова близина. Сигнали, кои за истрага ги користи и полицијата во Германија.

Сега меѓутоа доаѓа сознанието дека американската тајна служба НСА очигледно секојдневно надгледува стотици милиони апарати, иформира весникот „Вашингтон пост“ повикувајќи се на документи од поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден. Коавторот Ашкан Солтани појаснува: „Да се знае каде се наоѓаат осомничените е екстремно вредна информација“.

Дневно пет милијарди собрани податоци

Надгледувањето на податоците од НСА оди чекор подалеку. Во фокусот на актуелните откритија е програмата за анализа „Co-Traveler“ односно „Сопатник“. Од пет милијарди собрани податоци оваа програма пребарува слични шеми на движење. Тоа значи дека таа анализира, кој колку долго бил во близина на некој осомничен за тероризам. На тој начин тајната служба сака да пронајде други сомнителни лица, и да ги надгледува, вели Солтани.

НСА официјално не сакаше да даде коментар. Меѓутоа тајната служба му дозволи на еден неименуван соработник да разговара со „Вашингтон пост“ за да објасни како функционира надгледувањето на мобилните телефони. Тајна служба имено собирала податоци од каблите кои ги поврзуваат мобилните мрежи во светот.

Исто како и кај другите веќе откриени програми за надгледување, според НСА и „Co-Traveler“ се движи во рамките на американските закони и служи за тоа да се следат странските сомнителни лица за тероризам. Податоците на американските граѓани или генерално на јавноста не биле намерно собирани. Меѓутоа поради масовното надгледување, несакано се опфатени голем број податоци од американските мобилни телефони.

Негодување во САД

Американското движење за граѓански права АКЛУ затоа бурно реагираше на откритијата за НСА. „Потресно е дека воведена програма за лоцирање од вакви размери без да има јавна дебата“ напиша адвокатот Кетрин Крамп.

„Патиштата кои секојдневно ги минуваме можат да откријат неверојатно многу за нашите политички, професионални и интимни односи. Масовното надгледување на стотици милиони мобилни телефони не ја почитува приватната сфера на странците и на Американците, која ние мораме да ја почитуваме.“ АКЛУ затоа бара владата да го ограничи надгледувањето само на сомнителни лица.

Во спроедба со веќе откриените шпионски програми на НСА програмата „Co-Traveler“ е далеку поопсежна и погаѓа повеќе луѓе од сите други претходно.

Од јуни годинава документите на Сноуден открија редица шпионски активности на НСА и сојузничките тајни служби. НСА очиглендо не ги надгледувала само и-мејловите и телефонските разговори на луѓето во целиот свет, туку прислушувала и политичари од пријателски држави, меѓу нив и на германската канцеларка Ангела Меркел.

Во Германија и други држави активностите на НСА предизвикаа бура негодувања, поради повреда на приватна сфера на милиони граѓани. Американскиот претседател Барак Обама нареди проверка на активностите на тајните служби, резултатите треба да бидеат доставени овој месец.