1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НСА масовно ги прислушувала Шпанците

Според објавените информации во повеќе шпански медиуми, американската тајна служба, само во декември и јануари пресретнала повеќе од 60 милиони телефонски повици во земјата.

Новиот извештај, базиран врз документите кои ги обезбеди пребеганиот Едвард Сноуден, наведува дека и Шпанија била цел на прислушување од страна на НСА. Според текст во весникот Ел Мундо, напишан врз основа на податоците на Сноуден, само во декември 2012. и јануари годинава Националната безбедносна агенција на САД (НСА) собрала податоци за 60 милиони телефонски разговори извршени во Шпанија. НСА исто така собирала податоци и од интернет серверите, електронската пошта и социјалните мрежи во земјата.

Автор на текстот во Ел Мундо е новинарот Глен Гринвалд, кој досега објави серија сознанија кои произлегуваат од документите на Едвард Сноуден.

Претходно, преку францускиот весник Ле Монд, тој информираше за следење на 70 милиони разговори во Франција во истиот период. Преку неделникот Шпигел, пак, германската јавност дозна дека САД од 2002 година го следеле личниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел и имале екипи за следење на телефонски разговори во Франкфурт, Рим, Женева и Прага, покрај Париз и Мадрид.

Откритието дека САД шпионирале најмалку 35 светски политички лидери предизвика вистински дипломатски земјотрес.

Европската Унија минатата недела ги задолжи францускиот претседател Франсоа Оланд и германската канцеларка Ангела Меркел да побараат објаснување од САД за нивните активности.