1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ноќ на осветлени тикви

Од 90-тите години, на последниот ден од октомври, во Германија изникнуваат нашминкани лица со маски на страшила и осветлени тикви. Секому му е веднаш јасно дека е Хеловин. Од каде доаѓа овој обичај?

default

Хеловин, ноќта на духовите, во Германија има воодушевени приврзаници, и тоа не само меѓу младите. На 31 октомври, ден пред христијанскиот празник Духови, дома или во кафулињата и хотелите, се организираат забави на кои се доаѓа во костуми на вештерки, лилјаци, или демони. До почетокот на 90-тите години спектаклот беше прославуван само некаде, и тоа во ирските кафулиња или од страна на американските војници стационирани во Германија. Сепак, Хеловин не е американскки „пронајдок“.

Празникот Хеловин потекнува од Ирска и британските острови во времето на Келтите. Значи, стар е повеќе од две илјади години. Келтите, вечерта пред празникот Духови, значи на 31 октомври, го прославувале еден од нивните најголеми празници - Самхеин. Истовремено, 31 октомври бил и последниот ден од старата година. Келтите верувале дека на овој ден светот на живите се среќава со светот на мртвите. Келтските свештеници се обидувале да ги растераат духовите со големи огнови. За да се заштитат од злите сили, Келтите на себе имале страшни маски.

Halloween Flash-Galerie

Келтските свештеници се обидувале да ги растераат духовите со големи огнови, а за да се заштитат од злите сили, Келтите на себе имале страшни маски

Празникот требало да биде христијанизиран

Во осмиот век, папата Грегор четврти, го префрлил денот на сеќавање на мртвите - Духови, на први ноември. На тој начин требало да биде христијанизиран келтскиот празник Самхеин. И покрај тоа, во католичка Ирска, вечерта пред празникот Духови, со векови се славел „Ол-Хелоу-Ив. Најпознатиот симбол на Хеловин денес е издлабената осветлена тиква со еден или два заба. Таа упатува на една ирска легенда поврзана со извесен ковач Џек О‘Лантерн. Тој наводно бил пијаница, кој двапати го залажал ѓаволот и за влакно избегал од пеколот. Но, со оглед на тоа што не верувал во господ, не се нашол ниту во рајот. Наместо тоа, ѓаволот му дал светлечко парче јаглен, кое Џек го сокрил во тиква. Оттогаш, ковачот скита низ светот како залутана светлина.

Ирските доселеници го донесле Хеловин во САД, во 19 век. Култот кон духовите и тиквите, во САД се развил во вистински бизнис. Во Германија, Хеловин доаѓа преку германската индустрија за играчки. Таа, покрај прометот за Божик, најмногу промет прави во времето на карневалот. Од средината на 90-тите години, во потрага по трет голем извор на финансии, индустријата за играчки се соочува со Хеловин и го форсира неговото воведување во Германија. Оттогаш, Хеловин носи годишни приходи од трицифрени милионски износи, преку продажба на шминка, перики, костуми, тикви, организирани забави, декорации, музика и пијалоци. Од обичајот профитира и индустријата за слатки - според нејзините податоци, по Божик и Велигден, Хеловин е трет најважен настан во годината.

Автор: Мехтхилд Брокамп / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска