1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ноќ на национална гордост

Македонија одбележа две децении самостојност. Централната прослава беше под мотото „20 години државност-20 години независна Македонија-заедно под едно сонце“. На плоштадот во Скопје зборуваше премиерот Груевски.

default

Никола Груевски на прославата во центарот на Скопје

Во спектар од бои блесна „Воинот на коњ“, врз фонтаната што има свои водоскоци. Но, веста би била стара, зашто Александар Македонски повеќе месеци е надвиснат врз центарот на Скопје. Не е новина ни тврдокорниот и патриотски став на македонскиот Премиер дека нема промена на името и националните атрибути:

„Нема промена на уставот, со цел промена на уставното име - Република Македонија...за се‘ треба да реши народот и тоа мнозинството да се согласи со понудениот договор за спорот..“ По овие мигови на гордост, не е јасно што ќе му рече македонскиот премиер на Папандреу, доколку по две недели се сретнат во Њујорк.

Како и да е, за прославата, метрополата беше во целосен сјај - од осветленото Кале, новиот Музеј на македонската борба, фонтаната над која се извишува Александар Велики. Плоштадот стана музеј на отворено - антика, византиство, османлиство, просветителство, сите јунаци, важни Илинденци.

Mazedonien 20 Jahre Unabhängigkeit

Мото на програмата: „Заедно под едно сонце“

Во тој дух креаторите осмислија фасцинантна прослава, со многу церомонија, костимографија, но и досега незабележана масовност. Над шест часови државно-владиниот врв на нозе и меѓу народот ја следеше досега најобемната и разновидна програма, изведена од над триста уметници и пејачи, со врзувачко мото - „Заедно под едно сонце“. Власта, која важи за националистичко-патриотска, реализира прослава со намера да покаже и дел од нејзиниот нов европски предизвик. Имаше се‘ музика, театар, водопади, огномети, прва парада со строев чекор од 800 војници и полициски специјалци... Под новоизградената арка на триумфот, млади и гардисти ја носеа Декларацијата за независност од првиот парламентарен состав, во новиот Музеј на македонската борба. И таму сценски амбиент... Како екстаза на големата прослава, дојде победата на кошаркарите, поздравот од капитенот Антиќ до македонските граѓани. Таа стана и лајт-мотив на спектаклот - „Напред за Македонија“.

Полн плоштад со народ и споменици

Шмекот на спонтаноста, искреноста и радоста останаа со мигот на историјата, во вечерта на третиот Илинден и тогашното референдумско рандеву. Со првите резултати од гласот на народот, скопскиот плоштад се преполни со цели семејства, млади и стари, најмалку педесетина илјади, без партиски поделености, туку како актери на реалното шоу, наречено - прв пат самостојна држава. Две децении потоа, колони автобуси и река народ донесен од внатрешноста на земјата, но сега, на плоштадот преполн со споменици и грандиозни монументи, немаше многу празен простор за негово собирање.

Дел од граѓаните рекоа:

Mazedonien 20 Jahre Unabhängigkeit

Имаше се‘ - музика, театар, водопади, огномети, прва парада со строев чекор од 800 војници и полициски специјалци...

„Доаѓам од Струмица, прв пат го гледам ова и многу ми се допаѓа.“

„Фонтаната моментално има најубав лик, со споменикот на Александар.“

„Едно време не‘ делеа други, сега не‘ делат своите, многу тешко е тоа, не се трпи.“

Меѓу присутните беше и познатиот режисер Дарко Митревски:

„Сега се ословуваме самите себе со почит. Денес се радуваме на победатата на кошаркарската репрезентација, ни‘ требаат победи.“

Македонија... Македонија... Громогласно ехо од десетици илјади граѓани. Тоа е спојот на двете децении самостојност - од референдумското „Да“ во 1991-ва, на калдрмата од тогаш неурбанизираниот центар на Скопје, до најголема илуминација на прославата.

Повик за обединување среде политичка разединетост

Но политичките ментори не успеаја да манифестираат граѓанство, заедништво со политичките противници, „Македонија да биде единствена партија“, како што ќе посака Ѓорѓе Иванов, последниот, четврти претседател на државата, кој синоќа прв влезе во Музејот на Македонија за да ја положи досега невидената оригинална верзија на Декларацијата за независност.

„Да се биде Макдонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот“, кажа Иванов.

Последна беше политичката реч на најмоќниот човек на власта - премиерот Груевски:

„ Да се обединиме сите ние, Македонците, Албанците, Турците...да се обединиме за развој, за прогрес“, зборуваше премиерот Груевски, кој не избега од моделот на прагматични говори, при што побара обединување на сите лидери, но очигледно врз владино-партиските приоритети на ВМРО-ДПМНЕ.

Wahlen in Mazedonien

Бранко Црвенковски: Прославата е историски криминал

Македонските политичари на прославата - балкански раздвоени. Ниту еден опозиционер. Таткото на нацијата, првиот Претседател на државата, 94-годишниот Киро Глигоров, беше во својот скопски дом.

„Да ви честитам, слободна, суверена и самостојна Македонија“...

Оваа тестаментална честитка  на Глигоров во историската ноќ на државотворноста, деновиве стана тв-клип на секој медиумски извештај.

„Прославата е историски криминал. Не е важно за мене, но зошто ги нема првиот претседател Глигоров, првиот спикер Андов, првиот вмровски премиер Георгиевски?“, остана доследен на бојкотот на прославата, Бранко Црвенковски: „На некои луѓе, некои споменици им се убави, ама јас ви тврдам дека на сите два милиони сиромаштијата им е грда“.

Наместо на плоштад  лидерот на СДСМ, среде пладне, со своите истомисленици, замина пред еден скопски манастир. Во предвечерјето на одбележување на јубилејот тој ги најави протестите и улицата како метод за уривање на власта.

Земјата и натаму е соочена со сурова реалност на разделби во македонското ткиво, резервираност кај етничките Албанци кон симболите и настаните што ја формираат македонската државност.

До раните утрински часови плоштадот на спомениците, како што сега скопјани го нарекуваат централниот скопски плоштад, беше најголемото диско на отворено, што започна со најновиот патриотски  хит „Македонија“, на тандемот Костов-Врчаковски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

 

DW.COM

Поврзана содржина