1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ноќта кога гореше Рајхстагот

Може сликовито да се каже дека во пламенот во кој пред точно 80 години страдаше зградата на германскиот парламент, изгоре и демократијата во Германија. Адолф Хитлер го искористи овој настан за зацврстување на власта.

Илјадници Берлинци вечерта на 27 февруари 1933 година итаа кон Рајхстагот. Веста се прошири со молскавична брзина: зградата на германскиот парламент е во пламен. Стотици полицајци ја опколија зградата додека пожарникарите залудно се обидуваа да го изгаснат пожарот. На лице место не беа собрани само љубопитни граѓани, туку и раководството на националсоцијалистите. На тоа му претходеа панични телефонски разговори. Еден нацист го повика кабинетот на новиот канцелар Адолф Хитлер: „Кажете му дека Рајхстагот гори!“ Јозеф Гебелс на тоа одговори: „Се шегувате ли?“ Но веднаш потоа, заедно со шокираниот Хитлер побрза кон зградата на парламентот.

Страв од комунистички пуч

Хитлер беше вознемирен. Тој не беше толку загрижен за парламентот како институција, а демократијата и без тоа никогаш не ја ценел. Она што го вознемири беше сомнежот дека пожарот го подметнале неговите најлути противници - комунистите, во обид да ја преземат власта. На крајот на февруари 1933 година, нацистичката власт се’ уште не беше зацврстена. Хитлер само што беше именуван за канцелар на 30 јануари таа година.

На лице место беше уапсен Марианус ван дер Лубе, кој веднаш беше однесен на сослушување. Овој 24-годишен Холанѓанец неколку денови претходно пристигнал во германскиот главен град. Истражителите многу бргу откриле дека тој е поврзан со комунистите. Ван дер Лубе признал дека го подметнал пожарот, но тврдел дека одлуката ја донесол самостојно, во знак на протест поради доаѓањето на нацистите на власт во Германија. Хитлер не му поверува: „Ако тој пожар, како што верувам е дело на комунистите, тогаш таа смртоносна чума мораме веднаш да ја уништиме со железна тупаница“ , беснееше новопечениот германски канцелар. Херман Геринг, тогашен командант на пруската полиција, на своите службеници им нареди бескомпримисно да го употребуваат оружјето.

„За заштита на народот и државата“

Marinus van der Lubbe

Марианус ван дер Лубе

За националсоцијалистите ова беше уникатна можност, а Хитлер тоа веднаш го сфати. Граѓаните се чувствуваа многу несигурно, а и конзервативната елита во бирократијата, политиката и војската се плашеше од комунистички преврат. Полицијата веднаш истата ноќ уапси бројни пратеници во парламентот и службеници на Комунистичката партија. Многу луѓе беа однесени во провизорно уредени затвори каде беа измачувани. Некои не ја преживеаја тортурата. До април 1933 година беа уапсени вкупно 25 илјади лица.

Со декрет издаден од претседателот на Германија, Паул фон Хинденбург, беа укинати слободата на мислењето, на собирањето и на медиумите. За да го одржи редот и мирот владата во Берлин доби широки овластувања. Нацистите на тој начин добија можност да ги отстранат своите непријатели. Неподобните лица завршуваа во затвор без докази и судски постапки. Опозициските медиуми беа веднаш забранети.

Хитлер како спасител

Мнозинството граѓани веруваше во тоа што пишуваше во многу весници: дека комунистите се обиделе да извршат пуч и оти се спроведуваат сите неопходни мерки за да се отстрани опасноста за државата. Затоа молчешкум граѓаните се согласија и на укинување на демократските слободи. Хитлер беше славен како спасител од Комунистичката партија.

Кој навистина го подметнал пожарот во Бундестагот. Ван дер Лубе, организираниот комунистички симпатизер или пак дури и самите нацисти? На крајот од краиштата, тие најмногу профитираа од пожарот. Сепак, мнозинството историчари денес е сигурно дека навистина станувало збор за дело на поединецот Марианус ван дер Лубе. Адолф Хитлер веднаш ја препозна единствената можност што му се укажа за зацврстување на сопствената власт и ја искористи: наводно додека гледал како огнот го голта Рајхстагот тој рекол: „Нема милост. Кој ќе ни застане на патот ќе биде уништен“. Во текот на наредните дванаесет години тој ја оствари таа негова закана.