1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ноќеска гореше Манчестер

Немирите во Велика Британија изминатата ноќ се префрлија врз други градови. Додека во Лондон ситуацијата е помирна, големи нереди се забележани во Манчестер.

default

За денеска закажа втора кризна седница на владата: британскиот премиер Дејвид Камерон

Според податоци на полицијата, стотици маскирани млади лица го преплавиле центарот на Манчестер, кршеле излози и пљачкосувале продавници за облека, чевли и маркети за бела техника. Тие запалиле и повеќе згради, а имало и размена на истрели со полицијата. Силите на редот беа присутни во голем број. Претставник на полицијата зборуваше за „најтешки нереди во Манчестер во последните триесет години.“

„Тоа се едноставно криминалци, кои навечер побудалуваат“, истакна висок претставник на полицијата. „Бесмислено насилство и криминал во размери што претходно ги немам видено“, додаде тој. Полицијата ги предупреди учесниците во немирите дека се снимаат со повеќе камери за надзор, со чија помош ќе бидат идентификувани и уапсени. Според полициски извори, уште во текот на ноќта уапсени се повеќе лица во Манчестер.

London Proteste und Ausschreitungen August 2011

Искршени излози и пљачкосани продавници во повеќе градови

Изминатата ноќ нереди се забележани и во Бирмингем и Нотингем. Таму група од триесетина-четириесет лица со молотови коктели нападнала и запалила полициска станица. Полицијата уапси осум лица.

Полициското присуство го примири Лондон

Во Лондон, пак, градот каде започнаа немирите, синоќа беше релативно мирно. Масовното присуство на полицијата, која за смирување на вандалите ангажира шеснаесет илјади полицајци, очигледно ја постигна целта. Во меѓувреме, 26-годишен маж, кој беше повреден од куршум во пресметка со полицијата во понеделникот, вчера им подлегна на раните и почина во болница во Лондон.

За збор се јави и десничарската Англиска одбранбена лига. Таа најави дека ќе испрати свои членови на улиците, со цел задушување на немирите. Лидерот на групата, Стефан Ленон, истакна дека околу илјада члена ќе бидат испратени во Манчестер, но и други места. Неколку членови на Англиската одбранбена лига веќе патролираат по улиците за да внесат страв кај вандалите, а денеска треба да им се придружат уште повеќе.

„Ние ќе ги сопреме нередите, бидејќи полицијата очигледно не е во состојба да го стори тоа“, истакна лидерот Ленон. Во својот манифест, норвешкиот атентатор Андерс Беринг Брејвик ја опиша Англиската одбранбена лига како „инспиритивна.“

Автор: Франк Вернер / Траје Тосев

Редактор: Горан Чутаноски

DW.COM