Носталгија по СССР или изборна програма на Путин? | Свет | DW | 04.08.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Носталгија по СССР или изборна програма на Путин?

Изјавите на Владимир Путин за можно соединување на Русија со Белорусија и Јужна Осетија предизвикаа загриженост и бурни дебати.

default

Рускиот премиер, Владимир Путин

Учесниците на летниот камп, каде рускиот премиер Владимир Путин ги даде спорните изјави, се сметаат за политички подмладок на руската власт. Дотолку повеќе изјавите имаат политичка тежина. Интересно е што Путин додаде дека тој го смета присоединувањето на Белорусија и Јужна Осетија за „можно и пожелно“, но нагласи дека сето зависи од волјата на тие народи.

Предизборен памфлет?

Еберхард Шнајдер од Центарот за студии на односите ЕУ - Русија со седиште во Брисел смета дека станува збор за предизборна кампања на рускиот премиер, кој е и претседател на партијата „Наша Русија“. Ваквите изјави се особено упатени кон националистичкиот табор во гласачкото тело.

Weißrussland Belarus Staatschef Alexander Lukaschenko

Белорускиот претседател, Александер Лукашенко

„Тој сака на изборите за Думата на 4. декември неговата партија да добие што е можно поголем број гласови, по можност дури и двотретинско мнозинство, кое би било во состојба да го менува уставот или пак да покрене импичмент против претседателот на државата.“ При тоа Путин уште не се изјаснил јавно дали ќе се кандидира на претстојните избори за претседател на Русија.

Михаил Виноградов од Фондацијата „Петерсбуршка политика“ смета дека Путин во моментов само го опипува политичкиот пулс на избирачите и гледа кои теми може да ги користи за време на официјалната изборна кампања. Со оглед дека во Русија и ден денес владее одредена носталгија кон ерата на Советскиот Сојуз, Путин сака кај народот да ги разбуди надежите дека Русија би можела да ги прошири границите, смета Виноградов.

Стари претензии

Белорускиот политиколог Владимир Мазкевич ги оценува изјавите на Путин не како пробен балон, туку како негова изборна програма. „Кремљ никогаш не се откажа од намерата да ја анектира Белорусија“, смета Мазкевич. Според него, на Москва и’ недостасува само уште конкретен план како тоа да го оствари.

Jahresrückblick 2007 April Boris Jelzin gestorben

Поранешниот руски претседател, Борис Елцин

Во секој случај експертите се согласни во ставот дека стопувањето на Русија и Белорусија во една држава нема никакви реални шанси. Уште од 90-тите години постои „Руско-белоруска унија“, но само на хартија. Документот за неа го потпишаа тогашните претседатели Борис Елцин и Александар Лукашенко. Познавачите на приликите тврдеа дека Лукашенко имал амбиции за претседателската фотеља во Кремљ. Но, откако во 2000 година на власт дојде Путин, Лукашенко се повлече од идејата за обединување. На сите им е познато дека Путин воопшто не го поднесува Лукашенко и дека најрадо би видел некој друг политичар на водечката позиција во соседна Белорусија. Но, шансите тој да се симне од власт со помош од Москва се многу мали, смета експертот Шнајдер.

Тенок мраз

Што се однесува, пак, до приклучувањето на Јужна Осетија кон Русија, Путин се движи по тенок дипломатски мраз. Меѓународната заедница не ги призна двете отцепени грузиски покраини Јужна Осетија и Абхазија.

Russischer Panzer auf dem Weg nach Südossetien

Колона руски тенкови на пат кон Грузија во август 2008

„Тоа значи дека меѓународната заедница ги смета двете покраини за дел од Грузија и не гледам какви предности сака Путин да извлече со ваквата политика“, порачува Шнајдер. Грузија ги загуби двете покраини во кусата војна со Русија во август 2008. Нив официјално ги призна како суверени држави само Русија.

Во главниот град на Белорусија идејата на Путин за обединување наиде на одбивен став. Портпаролот на министерството за надворшни работи во Минск, Андреј Савиних, потсети на изјавата на претседателот на државата Лукашенко дека независноста на земјата е „нешто свето“.

И претставник на Јужна Осетија се дистанцираше од идеите на Путин. „Нашиот народ се изјасни за независност на референдум во 2006 година и нема намера да и’ се приклучи на Руската Федерација“, нагласи амабасадорот на Јужна Осетија во Москва, Дмитри Медојев. Ако веќе обединување, тогаш политичарите на Јужна Осетија би сакале да се обединат со другата отпадничка покраина, Абхазија.

Автор: Маркијан Остарчук/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска