1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Носат ли дисперзираните студии поквалитетно образование?

Еден од чекорите што ги презема македонската влада за поквалитетно образование се дисперзираните студии. Започнува третата година од нивното работење, а мислењата за оправданоста на овој концепт и натаму се разликуваат.

default

Дарко Груевски е од Скопје. Тој е студент во трета година на дисперзираните студии на Факултетот за туризам и бизнис логистика во Велес, на отсекот гастрономија. За квалитетот што го нуди овој факултет тој вели: „Сметам дека дисперзираните студии нудат квалитет, но не како оној на матичните факултети, бидејќи професорите патуваат од еден во друг град и не можат да дадат се’ од себе. Но, јас сум задоволен, бидејќи навистина се трудат да ни помогнат колку што можат“.

Во оваа академска година на четирите државни универзитети, кои имаат дисперзирани студии, се запишаа 2.319 студенти во првите два уписни рока. Ставот на МОН е дека со отварањето на дисперзираните студии се отвора можност сите граѓани од сите социјални слоеви да се запишат на факултет. Наставата на дисперзираните студии се одвива според иста студиска програма, од истите професори кои предаваат на матичните факултети.

Nenad Novkovski

Професор Ненад Новковски

 Се учи од иста литература, се полага на ист начин. Единствена разлика е просторот каде што се изведува наставата кој секако е важен предуслов, но не е пресуден, велат од министерството.

Намален квалитет

Со ваквиот начин на дисперзирање на студиите се загрозува функционирањето на универзитетот во целина, вели за Дојче веле поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Тој истакнува дека постои основа за воведување на вакви студии во пасивните подрачја, но другите се неосновано формирани затоа што на тие територии не постојат капацитети, со кои што тие би се поврзале.

„Соодветни дисперзирани студии треба да постојат онаму, каде што има соодветни можности за тоа. Неоснованото воведување само ќе го снижи квалитетот, непотребно ќе ги растури човечките и материјалните ресурси затоа што нема да има можност да бидат концентрирани на соодветен начин“, вели професор Новковски.

Квалитетната настава зависи од професорите

Проректорот за развој и инвестиции на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Кирил Барбареев смета дека во одредени градови постои ефект од таквите студиски програми.

Universität von Tetovo, Mazedonien

Универзитетот во Тетово

На пример на дисперзираните студии во Струмица веќе има запишани повеќе од 2.000 студенти. Дисперзираните студии во Кавадарци, каде што постои студиската програма по енологија, исто така многу е ефективана.

„Ваквата стратегија и отварањето на ваков тип на студии се покажа како оправдана, бидејќи голем дел од студентите кои сакале да студираат на земјоделски факултет и сакале да ја истражуваат оваа област претходно немале можност да посетуваат таков тип на настава на ниедно место во државата. Отварањето на факултетот за туризам и бизнис логистика во Гевгелија и Скопје исто така покажа огромни позитивни резултати. Тоа е факултет што во моментов има повеќе од 2.000 студенти. Квалитетната настава во вакви околности, во овој век на информатичката технологија и електронските можности кои таа ги нуди, зависи единствено од професорите, од квалитетната студиска програма и од создавање на амбиент за продуцирање на добар кадар“, вели Барбареев.

Дисперзираните студии не се во интерес на образованието

Дисперзирањето на студиите во Македонија повеќе е економска политика, а не политика за подобрување на квалитетот на образованието, коментира Сулејман

Studenten - Wirtschaft Fakultät

Универзитетскиот кампус во Скопје

Рушити, уште еден поранешен министер за образование. 

„Потребна е друга стратегија. Голем број на дисперзирани студии не се направени според стратегија врз база на обрзовниот процес, туку повеќе е политичка, односно партиска, бидејќи доколку се донесат некои студии поблиску до некое населено место, тоа би значело дека некоја партија ќе добие повеќе гласови од тоа место. Мислам дека повеќе се создаваат партиски интереси, а не интереси за образованието“, вели Рушити, додавајќи дека големиот број на дисперзирани студии без претходно подобрување на условите само ќе ги зголемат трошоците на универзитетите. 

Автор: Владимир Калински

Редактор: Горан Чутаноски