1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Номинирано идното преодно раководство на Ирак – Јавар претседател, Алави премиер

45-годишниот сунит, шеик Гази Масал ел Јавар, ќе биде преоден претседател на Ирак. Него за таа функција го номинира досегашниот ирачки Преоден владин совет, денеска во меѓувреме распуштен од страна на американската цивилна администрација за Ирак. До крајот на месецов новата преодна влада треба да го преземе вршењето на власта.

Идниот ирачки претседател Јавар

Идниот ирачки претседател Јавар

Веднаш по номинирањето Јавар побара целосен суверенитет за својата земја. “Ние Ирачаните очекуваме да ни биде одобрен целосен суверенитет со резолуција на Советот за безбедност, што ќе ни овозможи повторно да изградиме слободна, независна, демократска и федеративно обединета татковина”, рече Јавар. Тој ја критикуваше нацрт-резолуцијата поднесена од САД и Велика Британија дека им дава на Ирачаните премалку право на решавање во врска со акциите на 150-те илјади војници од коалиционите сили, најголемиот дел од нив американски. Според нацрт-резолуцијата, САД и по предавањето на власта де факто ја задржуваат воената контрола во земјата, а не е наведен термин за повлекување на војниците.

Пред усвојување на нова резолуција за предавање на власта, ќе биде консултирана преодната влада во Багдад, изјави денеска генералниот секретар на ОН Кофи Анан. Резолуцијата, според него, мора да му даде целосен суверенитет на Ирак. САД и Велика Британија најавија нова верзија на резолуцијата по забелешките од повеќе земји.

Инаку, ирачкиот Владин совет на денешната седница го номинираше Јавар за претседател на Ирак откако првобитно за таа функција го предложи поранешниот министер за надворешни работи Аднан Паџаџи, фаворизиран од САД и од специјалниот пратеник на ОН Лакдар Брахими. Паџаџи, меѓутоа, веднаш по номинирањето ја одби функцијата, свесен дека мнозинството членови на Советот го подржува Јавар.

Идниот премиер Ијад Алави, претставувајќи го предлогот за состав на својот кабинет со еден заменик-премиер и 31 министер, на заедничката конференција со Јавар и со специјалниот пратеник на ОН Лакдар Брахими, истакна: “По 35 години безмилосен и тирански режим и по ослободувањето на Ирак од страна на коалиционите сили под водство на САД, ние сега го започнуваме нашиот марш кон сувереност и демократија”.

Алави им искажа најдлабока благодарност на ОН и на Брахими за позитивниот резултат на нивната мисија во Ирак. Благодарност на Брахими му искажа и американската влада. Советникот за национална безбедност Кондолиза Рајс и министерот за надворешни работи Колин Пауел го поздравија номинирањето претседател и преодна влада во Ирак.