1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нокија со телефон "made in Romania"

Финскиот концерн за мобилна телефонија, Нокија, реши да го запре производството на телефони во германскиот град Бохум и да го префрли во Романија, каде како што се вели, трошоците се многу помали.

default

Во Клаусенбург се гледа во розова иднина. Градежните работи напредуваа бргу. Пред повеќе од една година, Нокија купи огромен плац во близина на вториот по големина град во Романија, за да гради фабрика за мобилни телефони. Речиси истовремено со објавувањето на веста за затворање на фабриката во Бохум, почнаа да се вртат производните ленти во Клаусенбург. Романските весници вчера објавија “Нокија го го произведе првиот мобилен телефон „Made in Romania„. Фабриката во Германија се затвора прекуноќ.
Во Бохум работат 2 300, во Клаусенбург за истото се задолжени само 500 работници
Во Романија, 500 работници ќе го прават она што во Бохум го правеа нивните колеги од Германија, но за помалку пари. Неквалификуван работник ќе добива 200 евра, а стручњаците нешто повеќе од илјада евра месечно. Еве дел од размислувањата на жителите на Клаусенбург:“Многумина одат во странство зашто работата овде им е претешка. Но, ако си добар работник, овде можеш да заработиш.“
“Мислам дека овде како романски жител ги имаш најголемите шанси, само мора да знаеш да ги искористиш.“
„Овде, кај нас во Романија, воопшто не е толку лошо. Во Романија доаѓаат претпријатија од Германија и работници од странство, на пример од Индија и Кина.“
Повеќе понуди за работа за еден работник
Навистина, квалификуваните работници во Клаусенбург најчесто можат да бираат од неколку понуди за работа. Економскиот бум во Клаусенбург, таму каде што сега Нокија ќе произведува, не дојде прекуноќ. И, тој нема само врска со ниските придонеси на плати што фирмите ги плаќаат за вработените. Тие трошоци растат контиунирано, како и во другите нови земји членки на ЕУ. Решавачки се рамковните услови. За Нокија тоа беше индустрискиот парк Клаусенбург. Тој беше создаден на иницијатива на Нокија. Потпретседателот на финскиот концерн водеше преговори со романската влада со цел производството на мобилни телефони и фирмите кои ќе работат на транспорт да бидат сместени во непосредна близина. Беа инвестирани 200 милиони евра, а целата инфраструктура - од перфектното сообраќајно поврзување до снабдувањето со енергија беше финансирано од градот и романската влада. Трошоците за тоа изнесуваа 33 милиони евра. Освен тоа, Нокија соработува со универзитетот Клаусенбург во делот на образување инженери. Апсолвентите подоцна треба да работата во индустрискиот парк.