1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов ултиматум за Иран

На маргините на Генералното собрание во Њујорк се одржа средба на петте членки на Советот на безбедност и Германија околу атомската програма на Иран.

default

Министрите Штајнмајер и Јанг Џие Чи во Њујорк разговараа за иранската атомска програма

Американската влада бараше веднаш да се воведат санкции против официјален Техеран. На инсистирање на Русија и Кина, меѓутоа, шефовите на дипломатиите на шесте држави ги одложија санкциите за ноември, кога доколку не се покаже никаков напредок во ставот на Иран ќе биде донесена нова резолуција на Советот за безбедност со заострени санкции.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер по средбата изјави дека е добро што меѓународната заедница повторно манифестирала решителност кон Иран. Неговата атомска програма е и останува една од најголемите грижи во регионот на Средниот исток. Со вчерашното решение на Иран му се отвора можност да се врати на преговарачката маса. Тоа ќе биде меѓутоа можно само ако Иран покаже јасна волја за изнаоѓање компромисно решение:

„Натамошното однесување на меѓународната заедница ќе зависи од напредокот што ќе го оствари европскиот пратеник Хавиер Солана во преговорите со Иран за прекинување на атомската програма. Паралелено со тоа ќе се подготвуваме меѓутоа и за нова резолуција на Советот за безбедност. Она што е сепак најважно сега е дека е повторно отворен патот за дипломатски преговори„ – оцени Штајнмајер.

На маргините на Генералното собрание на ОН шефот на германската дипломнатија оствари и средба со кинескиот ресорен колега Јанг Џие Чи. Со него, покрај за спорот со Иран, Штајнмајер разговарал и за ситуацијата во Мијанмар. Кина инаку има големо влијание врз воената хунта во поранешна Бурма.

„Кинескиот колега ме извести дека веќе се во тек многубројни посреднички обиди за стабилизирање во соседната земја. Тоа пак од кинеска гледна точка значи Мијанмар да го продолжи патот без насилство. Официјален Пекинг располага со добри врски како со владата во Рангун, така и со опозицијата и се обидува да ги донесе на преговарачка маса„ – појасни Штајнмајер.

На средбата секако станало збор и за пореметените односи меѓу Кина и Германија по средбата на канцеларката Меркел со тибетанскиот лидер Далаи Лама во Берлин. И овој пат кинескиот колега му пренел колкаво е огорчувањето на Пекинг од симболичниот гест на германската канцеларка.

„Кина пред се‘ подвлече дека во подолг период го поддржувала германското повторно обединување и затоа нема сега разбирање за германската поддршка за сеператистичките движења во Кина. Појаснив дека тоа не била намерата на германската влада, дека станувало збор само за прием на религиозен водач...„ – нагласи Штајнмајер. Со таа средба не се менува ништо во политиката на германската влада за „една Кина„!