1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов судир околу рускиот гас?

Русија ја предупреди ЕУ дека се можни прекини во снабдувањето со гас, поради финансиски проблеми со Украина, соопшти шведското претседателство со Унијата. ЕK, пак, го предупредува рускиот премиер да не шири страв.

default

Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд во неделата вечерта водел телефонски разговор со рускиот колега по функција Владимир Путин, кој го информирал дека Украина веројатно нема да ги исполни финансиските обврски кон рускиот концерн за гас „Гаспром“, поради што е можно европските корисници на гасот, кој се транспортира низ гасовод преку украинска територија, да се соочат со проблеми. „Меѓународниот монетарен фонд ни вели дека Украина нема проблеми со пари. Но, шефицата на украинската влада Тимошенко укажува дека претседателот Јушченко го блокира префрлувањето на парите од страна на Централната банка на таа земја“, изјави Путин по вчерашната средба со премиерот на Данска, Расмусен.

Во Украина по два месеца треба да се одржат претседателски избори, а изјавите на рускиот премиер Путин, дека е доведено во опасност снабдувањето на Европа со гас преку таа земја, портпарол на Европската комисија ги окарактеризира како дел од предизборната кампања. Директни конкуренти на изборите се токму Јушченко и Тимошенко, која во последно време донекаде ги нормализира односите со Русија и Путин. „Тоа не не’ интересира, ние не се мешаме во внатрешните работи на Украина и во предизборната кампања. Но, доколку се појават проблеми, ги молиме нашите европски партнери да учествуваат во решението, па ако е нужно и да ги кредитираат нашите украински партнери. Ние на Украина веќе и’ плативме аванс до 2,5 милијарди долари за транзит на гасот“, вели Путин.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Јушченко оди кон натамошна конфронтација. Неговиот портпарол Ирина Ваникова соопшти: „Претседателот ја повика владата неодложно да донесе мерки за официјална промена и дополнување на договорот од 19 јануари годинава“.

Јушченко бара намалување на количеството на гас што го добива неговата земја од Русија, како и покачување на таксата за транзит на гасот кон Европа, што „Гаспром“ веќе го одби. Од Европската комисија порачуваат дека граѓаните на Европа не смеат да трпат поради потенцијален судир меѓу Русија и Украина.

Поради спорот на релација Москва - Киев, претходната зима испораката на руски гас за дел од европските земји беше запрена во период од две недели.

Автор: Штефан Лак / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска