1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нов сојуз на десните популисти во Европа

Тие се против ЕУ, но планираат да ги обединат силите за европските избори во мај 2014 година. Марин Ле Пен и Герт Вилдерс денеска (13.11) во Ден Хаг разговараат за идниот сојуз на нивните деснопопулистички партии.

Двајцата се синокоси, политички успешни и важат за харизматични. И двајцата се против Европа. Марин Ле Пен (насловна фотографија) и Герт Вилдерс одлучија заеднички да настапат на наредните избори за Европскиот парламент во 2014 година. „Имаат доволно заедички нешта за формирање на антиевропски сојуз. Тие се против странците, европската интеграција, поттикнуваат страв од надмоќноста на Брисел и слушаат некаков наводен глас на народот. Тоа за жал е добра основа за заедничка работа. Но ако секоја европска земја ги стави своите национални интереси над сѐ, тогаш Европа ќе биде уништена“, вели Силви Гулард од Марсеј, пратеничка на либералите во Европскиот парламент.

Меѓутоа создавањето на некаква европска кооперација на десничарските партии, би било тешко да се спроведе во дело, уверен е Каи Арцхајмер од Институтот за политички науки на универзитетот во Мајнц. „Во минатото во Европарламентот имавме слично формирања на вакви фракции, но тие редовно се распаѓаа по две до три години. Конкуренцијата меѓу нив беше преголема, а посебно им недостасуваше професионалност. Но, ваквите проекти пропаднаа првенствено поради тоа што не беа во состојба на избирачите да им објаснат зошто некоја националистичка партија мора да соработува со други европски партии“, објаснува Арцхајмер.

Niederländischer Politiker Geert Wilders

Холандскиот политичар Герт Вилдерс

„Националниот фронт и натаму шири отров“

Според анкетите, партијата Национален фронт, на чие чело е Марин Ле Пен, би можела во мај 2014 година, на наредните европски избори да освои прво место во Франција. И Холанѓанецот Герт Вилдерс со својата Партија на слободата е во подем. Ле Пен и Вилдерс всушност претставуваат една нова генерација на десничарски политичари. Тие размислуваат подалеку од своите претходници, се движат надвор од само националните рамки и што е најважно- поумерени се од претходната генерација. „Тонот со кој говори Марин Ле Пен во споредба со тонот на нејзиниот татко, не е толку отворен“, вели Силви Гулард потсетувајќи притоа на најчесто многу провокативните настапи на основачот на националниот фронт Жан Мари Ле Пен. Но содржински гледано оваа партија и натаму го шири својот отров, а меѓу нејзините членови сѐ уште има многу расисти. На пример, според партиската програма, француските граѓани би требало да имаат предност во однос на другите во земјата. Со оваа одредба Националниот фронт дури ги прекршува законот на ЕУ и конвенциите за почитување на човековите права.

„Денешните претставници на политичката десница, кон надвор се претставуваат како застапници на слободата и демократијата, како либерални заштитници на правата на жената, па дури и на хомосексуалците. Традиционалните слики на непријателство како што се антисемитизмот и национализмот, сега се прекриени со нешто ново - на пример, отпорот кон европските интеграции. Со тоа на некој начин станаа поприфатливи и попопуларни и за другите“, смета Каи Арцхајмер.

Тој додава дека овие нови успешни радикално десничарски партии многу ретко се отворено расистички. А со оглед дека денес постојано се зборува за судири на разни културни вредности, овој модернизиран расизам во општеството воопшто е многу поприфатлив“, вели овој политиколог. „Непријателството кон странците, кое уште постои, веќе не е насочено кон другите граѓани на Западна Европа. Денес се стреми кон обединување на националните држави за да се заштити сопствената националност и сопствениот идентитет. Поради тоа и овој нов сојуз би требало да ги заштитува либералните вредности од луѓето од други култури“, објаснува Каи Арцхајмер.

Sylvie Goulard

Француската пратеничка во Европскиот парламент, Силви Гулард

Скепсата кон ЕУ- ветер во крилјата

Од почетокот на економската и финансиска криза, критиката против политиката на Брисел само ги зајакна антиевропските и деснопопулистичките партии, смета Силви Гулард. „ Феноменот на жртвено јагне воопшто не зачудува во вакви времиња, бидејќи ЕУ немаше секогаш јасни политички ставови. И во Франција политичарите делуваа беспомошно во кризата и не се спроведени ниту важни реформи. Претседателот Франсоа Оланд досега не беше многу успешен, па сега, за жал, Марин Ле Пен изгледа како подобра алтернатива, дотолку повеќе што досега никогаш не била на власт и немала моќ“, вели Гулард.

Но Франција и Холандија не се исклучоци по ова прашање. И во другите европски земји се забележуваат слични деснопопулистички антиевропски партии. На пример, такви се Национално-демократската партија (НПД) во Германија, британскиот Национален фронт, Јобик во Унгарија, како и Атака во Бугарија. Сите тие имаат едно заедничко нешто - ветуваат решавање на многу сложени проблеми со едноставни средства. И тоа не само во сопствените земји, туку и во цела Европа.