1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

„Нов рај“ маркетинг планот на Македонија низ призмата на „Ле Монд“

Рекламното претставувањето на Македонија за да ги привлече странските инвеститори, го наведе угледниот париски весник „Ле Монд“, да направи осврт на напорите кои ги прави македонската влада за да ги претстави економските адути на земјата.

Лe Монд

Лe Монд

Од независноста до денес, Македонија има привлечено помалку од 2 милијарди странски инвестиции, нагласува уште на почетокот од освртот париски „Ле Монд“.

Оваа констатација на слабост, премиерот Никола Груевски, уште при преземањето на функцијата во август 2006 вети дека ќе ја надмине. Првиот потег беше да пронајде мозоци во бројната македонска дијаспора и да ги убеди високообразованите кадри во странство да се вратат во земјата. Двајца од нив, Глигор Ташковиќ и Веле Самак се „претворија“ во „трговски претставници“ на Македонија задолжени да привлечат странски инвестиции.

Двајца министри со иста задача, плус една Агенција за промовирање на странските инвестиции и уште еден оддел со исти задолженија во министерството за економија, според „Ле Монд“ не се гаранција за совршена координација и за целосна ефикасност. Но тоа најдобро сведочи за намерите на владата во оваа област.

„Ле Монд“ не се осврнува на забелешките кои беа предизвикани во Франција со кампањата под слоганот „Инвестирајте во Македонија“ и посебно на нејзиниот неочекуван поднаслов „Нов рај за деловни зделки во Европа“.

„Тоа е можеби претерано, но кампањата дозволува да се зборува за земјата“, подвлекува за парискиот весник Емануел Кенинг, шеф на регионалното биро на советничкиот кабинет PricewaterhouseCoopers (PWC). „Можеме да речеме: Македонија постои, значи можеме да правиме зделки“, коментира овoј специјалист за инвестиции на Балканот.

„Ле Монд“ претходно со многу иронија забележува дека Македонија на сите во светот им е позната под тоа име, освен за Грција која сака да има монопол врз името Македонија.

Македонија која тивко ја приватизира скоро целата своја економија, сега на листата за приватизација ги става аеродромите во услови кога сите макроекономски показатели се стабилни. „проблемот на властите е во привлекувањето на нови инвестиции“, оценува Кенинг.

„Рецептот за привлекувања на нови инвестиции, не се разликува од тие, кои успешно беа тестирани од поранешните комунистички земји во деведесетите години“, изјавува за „Ле Монд“ министерот Самак.

„Оданочувањето на претпријатијата е со најниска стапка во регионот, по влегувањето на Бугарија и Романија во ЕУ“, се подвлекува во кабинетот на PWC. Другиот адут на Македонија е не многу скапата работна рака и добро развиената патна инфраструктура која ја поврзува со југот и северот на Европа.

Потврда дека рекламните аргументите носат плодови, според „Ле Монд“ е инвестицијата вредна 50 милиони долари на американската компанија Johnoson Controls, која наскоро треба да биде следена и од една британска компанија.

Рекламата за „Рај за деловни зделки“, забележува на крајот „Ле Монд“, заборава да потсети дека Македонија се наоѓа на многу лоша позиција во пласманот за корупција на Transparency International и дека земјата за малку ја избегна граѓанската војна во 2001 година.