1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нов претседател- стари проблеми

Црна Гора во седмата година од независноста влегува со старо-новиот претседател Филип Вујановиќ, кој вчера на Цетиње положи заклетва на функцијата. На денешен ден пред седум години граѓаните гласаа за независност.

„Се колнам со својата чест, врз Уставот на Црна Гора, дека должноста претседател на Црна Гора ќе ја вршам совесно и одговорно, за добро на сите граѓани на нашата татковина. Како претседател на државата ќе се посветам на чување на независноста и суверенитетот на Црна Гора, како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеењето на правото“, рече претседателот Филип Вујановиќ (на фотографијата горе), откако по трет пат положи заклетва на функцијата.

Но, овојпат остана горчлив впечаток. Не само поради силното незадоволство на група од 80-ина протестанти кои маршираа од Подгорица до Цетиње, туку и поради тоа што на церемонијата на заклетвата не присуствуваа пратениците од опозицијата, како и од владиниот коалициски партнер СПД. Социјалдемократите порачаа дека Вујановиќ го прекрши Уставот бидејќи по трет пат се кандидираше, а протестираа и против изборните нерегуларности на изборниот ден. Тоа влијаеше на заладување на односите во владејачката коалиција, меѓу двете партии кои соработуваат веќе 15 години.

Доколку СПД го поддржи барањето на опозицијата во Собранието на Црна Гора да се усвои специјален закон за поништување на претседателските избори, тогаш тоа практично ќе значи дека во земјата нема да има само нови претседателски, туку и парламентарни избори.

Партијата на Мило Ѓукановиќ поради тоа е многу ранлива, а секојдневно расте и притисокот од Брисел да се испитаат сите нерегуларности, особено користењето на државните ресурси во партиски цели, како и за поостра борба против криминалот и корупцијата.

Економијата пред колапс

Milo Djukanovic Premierminister Montenegro

Мило Ѓукановиќ

Состојбата дополнително ја компликува лошата економска ситуација, бидејќи Црна Гора практично е пред банкрот на јавните финансии поради огромните проблеми кои и ги создава колапсот на најголемата компанија во земјата, Комбинатот на алуминиум во Подгорица, кој е во сопственост на рускиот олигарх Олег Дерипаска. Оваа компанија веќе со месеци не плаќа за искористената струја, а сметките надминуваат 40 милиони евра, додека државата ќе мора да ги плаќа и гаранциите кои ги дала за кредитот за Комбинатот во износ од над 100 милиони евра.

Затоа денес, седум години по прогласувањето на независноста, граѓаните на Црна Гора имаат малку причини за задоволство. Според уредникот на независниот магазин „Монитор“ Зоран Радуловиќ, Црна Гора сега е поблиску до политички промени отколку било кога порано, но се уште не е демократска и правна држава.

„Мислам дека и на оние кои гласаа против независноста на 21 мај 2006 година им е јасно дека Црна Гора го избра вистинскиот пат, но проблемот е што по тој пат не одиме ниту приближно со доволна брзина“, вели Радуловиќ.