1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нов предлог за името или разработка на старите?

По четиримесечна пауза, денеска (22.06.2009) во Женева продолжија македонско-грчките разговори со посредство на ОН за спорот околу името.

default

Женева

Медијаторот на ОН Метју Нимиц се сретна со претставниците на двете земји Зоран Јолевски и Адемантиос Василакис, по што на 6 јули доаѓа во Скопје, а два дена подоцна и во Атина.

Пред средбата немаше официјална најава дали Нимиц ќе изнесе нов предлог или ќе се разработува неговиот „сет идеи“ од последната рунда разговори на 11 февруари во Њујорк, во кој според медиумите во двете земји, како можно решение беше посочено името „Северна Македонија“. Интересен е фактот дека Нимиц, по разговорите во Женева, денеска одвојува цели 45 минути за разговори со новинарите.

Македонскиот премиер Никола Груевски, денеска пред преговорите од Женева, на прашањето што очекува од нив, одговори: „Посакувам да се приближуваме во еден позитивен правец.“

Груевски рече дека доколку се најде предлог-решение за проблемот со името, истото ќе биде изнесено пред граѓаните на референдум, а тие ќе одлучат дали ќе го прифатат или не.

„Се залагаме да има референдум, кој во најмала рака би бил прифатлив за Грција. Тоа е прв предуслов да биде за Грција прифатлив, а вториот е да видиме дали ќе биде прифатлив и за граѓаните на Република Македонија“, рече Груевски.

Инаку, во пресрет на повторното заживување на разговорите, координативна средба одржа македонскиот државен врв. Шефот на дипломатијата Антонио Милошоски изјави дека Македонија е подготвена да вложи максимали напори за да се дојде до компромис, но, како што нагласи, не едностран или диктат со кој едната страна би била победник, а другата поразена или понижена. За разумен компромис со кој нема да биде засегнат македонскиот идентитет, се заложи и претседателот Ѓорге Иванов, иако, како што вели - двојната формула останува официјален став.

Mathew Nimitz, UN Mediator in dem Namentstreit zwischen Mazedonien und Griechenland

Што ќе донесе Метју Нимиц?

Позицијата на Грција, како што изјави во петокот заменик министерот за надворешни работи Јанис Валинакис, останува на барањето за едно заедничко прифатливо име со географска одредница за севкупна употреба.

Премиерот Костас Караманлис, по враќањето од самитот на ЕУ во Брисел, рече дека „Грција во последниот период направила значителен напредок во однос на спорот за името“, без да образложи за каков прогрес станува збор. Караманлис во интервју за грчката агенција АНА-МПА, истакна дека „компромисното решение треба да биде прифатливо и за двете страни и да содржи географска одредница, со која северниот сосед ќе се разликува од грчка Македонија“. Тој наведе дека Грција сака добри односи со Македонија и оти го поддржува членството на земјата во ЕУ и во НАТО, но услов за тоа е решавањето на спорот за името.

Грчките медиуми пред продолжувањето на разговрите за името најавуваат и засилен притисок врз двете страни од Вашингтон и од Брисел.

Автор: ЕМФ/миа/макфакс

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM