1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нов почеток за Мајкрософт

Со својот нов оперативен систем и новите таблет уреди, Мајкрософт се приклучува кон трендот на користење технологија на допир. Компанијата прави напори да привлече програмери кои би работеле на развој на апликации

Оперативниот систем Виндоус 8 е големата надеж на Мајкрософт. Токму затоа компанијата очајнички се обидува да развие апликации кои ќе работат на овој оперативен систем. Во Мајкрософт добро знаат дека им се потребни апликаци слични на оние кои ги имаат нивните ривали, па дури и подобри од нив.

Ве молам, направете многу апликации – рече извршниот директор на Мајкрософт, Стив Балмер на обраќањето што пред 2.000 програмери го одржа минатата недела во Сиетл. Покрај пораката на Балмер, Мајкрософт се погрижи сите учесници на собирот кои платиле за своето учество да добијат и Сурфејс – таблет уреди, со 100 гигабајти слободен простор на нивниот Скај драјв. Нокиа пак, обезбеди бесплатни паметни телефони, Лумија 920 кои користат Виндоус 8.

Мајкрософт знае дека мора да ги убеди програмерите да почнат да развиваат ново, успешно опкружување за новиот оперативен систем - опкружување кое ќе може да се натпреварува со оние на главните ривали, како Епл и Гугл Андроид.

Тоа е област во која Мајкрософт многу заостанува во моментов.

Мајкрософт преминува на допир

Додека Епл и Андроид им овозможија на своите корисници со допир да го истражуваат светот околу себе, корисниците на Виндоус беа принудени и понатаму да кликаат. Но со доаѓањето на Виндоус 8 тоа е минато бидејќи сега се' изгледа поинаку.

Со новите Мајкрософт таблети компанијата ја промени играта. Екранот нема веќе да биде исполнет со икони на најразлични програми, бидејќи програмите се исфрлаат од употреба и како и сите други, Мајкрософт во иднина ќе користи апликации.

Таблетите постојано ги информираат корисниците за нивниот статус. Кога ќе добијат нов мејл тие се веднаш известени, можат да го проверат терминот за наредниот состанок, да бидат информирани за промените кои се случуваат на берзата и сл. Нормално, корисниците може да лицитираат и на И-беј, да гледаат видеа на Ју тјуб и секако да имаат постојан пристап до нивните Твитер и Фејсбук профили.

Уредите на Епл веќе подолг период ја користат технологијата на допир. Мајкрософт оваа технологија ја воведува како новитет, па затоа многумина сметаат дека на корисниците на Виндоус 8, ќе им биде потребно повеќе време за да се одвикнат од стариот добар десктоп.

Компанијата се обидува и преку цените да се врати во трката со своите ривали. Така на пример Мајкрософт овозможува старите компјутери, кои користеле Виндоус 7, Виста или XP да ја поддржуваат и новата платформа. Се разбира, за тоа е потребна и извесна надградба на уредите, чија почетна цена е 30 евра. 

Мајкрософт внесува нервоза кај конкурентите

Компанијата го промовираше новиот оперативен систем Виндоус 8 речиси истовремено со таблет уредот Сурфејс.Тој всушност претставува комбинација од лап-топ и таблет, бидејќи има екран со технологија на допир што е прикачен за извонредно тенка тастатура, која пак истовремено служи и како заштита. Овој уред успеа да ги замолчи сите кои се сомневаа во Мајкрософт и внесе нервоза во целата индустрија.

Самсунг, Ејсер и други големи компании кои користат Виндоус како оперативен систем, веќе се соочуваат со жестока конкуренција – првиот хардверски обид на Мајкрософт. Епл одговори на заканата со промоција на новата генерација

Мекбук компјутери, ајМек, како и сосема новиот производ – ајПад мини.

Грег Лук e сопственик на компанијата КомпонентУан (ComponentOne) која развива програмерски алатки што потоа може да се користат при создавање на најразлични апликации.

„Интересно е да се види како некои луѓе кои најчесто го критикуваат Мајкрософт, се изненадени од перформансите на новиот уред“.

Мајкрософт се надева дека Виндоус 8 ќе успее да го поврати изгубениот кредибилитет на компанијата и дека ќе стане значајна платформа за програмерите.
„Кога програмерите ќе забележат дека бројот на корисници на Виндоус 8 се зголемува, тоа секако ќе има ефект“, вели Мајк Касинс, програмер од Канада.

„Во иднина сите персонални компјутери ќе користат Виндоус 8 како оперативен систем, луѓето ќе бараат најразлични апликации за него и компаниите ќе мора да ги направат. Мислам дека наскоро ќе видиме цел бран од нови апликации“, завршува Касинс.