1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов почеток во односите САД - Иран?

Видео-порака на американскиот претседател Барак Обама до иранскиот народ и владата. Првата реакција од Иран е воздржана, Меркел ја поздрави пораката, а ЕУ бара Иран да ја прифати американската понуда за разговори.

default

Барак Обама

Моментот на пласирање на пораката е вешто одбран - токму кога Иранците слават нова година, Обама поведе иницијатива за нов почеток во билатералните односи. „САД сакаат Исламската република да го заземе своето регуларно место во заедницата на народите“, рече Обама во пораката и продолжи: „Мојата влада со дипломатски средства ќе се зафати со сите проблеми што постојат меѓу нас. Во тој процес закани би биле контрапродуктивни. Ние се стремиме кон чесен однос, кој почива врз меѓусебен респект“. Алудирајќи на спорната иранска атомска програма, Обама рече дека величината на иранскиот народ не се засновува врз „способноста за уништување“, туку „врз способноста за градење и создавање“.


Имаше и подобри времиња во однсите на САД со земјата од „оската на злото“


Претходникот на Обама во Белата куќа, Џорџ Буш, го вбројуваше Иран во „оската на злото“ и вршеше меѓународен притисок врз таа земја поради атомската програма, никогаш не исклучувајќи ни војна како последно средство. САД ги прекинаа дипломатските односи со Иран уште во 1980 година, кога група ирански студенти ја запоседна американската амбасада во Техеран и држеше заложници. Обама во пораката потсети на подобрите времиња од пред тој настан: „Се стремиме кон иднина во односите на нашите две земји, во која ќе бидат обновени поранешните контакти, ќе бидат надминати старите противречности и во која Вие, Вашите соседи и целиот свет ќе можат да живеат во поголема безбедност и мир“.

Пораката на Обама е упатена до иранскиот народ, како и до раководството во земјата, без по име да биде спомнат претседателот Махмуд Ахмадинеџад. Тој самиот во меѓувреме реагира со изјава на неговиот портпарол дека по зборовите би морале да уследат дела, за да бидат „поправени“ грешките од минатото.


Пораката поздравена од Меркел, Штајнмајер и Солана


Германската влада ја поздрави иницијативата на Обама. Канцеларот Ангела Меркел на маргините на самитот на ЕУ во Брисел рече дека пораката на американскиот претседател го рефлектира токму „она, што Европејците секогаш го сакаа - на Иран да му биде упатена понуда“. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во пораката на Обама гледа сигнал дека Американците се заинтересирани не само за решение на атомскиот конфликт, туку и за „повторно воспоставување на иранско-американските односи“.

Претставникот на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана побара од Иран позитивно да реагира на понудата за разговори. „Сметам дека пораката е многу конструктивна. Имам голема надеж дека Иранците ќе му посветат големо внимание на она, што го рече претседателот Обама. Се надевам дека тоа ќе отвори нова глава во односите со Техеран“, рече покрај другото Солана.

►◄