1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов патриотизам благодарение на фудбалската еуфорија

Од Мундијалот во 2006-та година колективната национална еуфорија во Германија преставува секојдневие за време на големите фудбалски настани. Така е и на ова ЕП. Но, некои мислат дека ’рти нов национализам.

Германски знамиња во дворовите, на прозорците и на автомобилите. Лица исцртани во боите на германското знаме, гласно пеење на германската химна. До пред неколку години таквите сцени беа незамисливи. Имено, не прилегаше да се биде премногу горд на Германија и на фактот дека си Германец. Нацистичкото минато на државата се’ уште беше многу присутно во главите на нејзините жители.

Се’ меѓутоа речиси преку ноќ се промени во 2006-та година кога Германија беше домаќин на Светското фудбалско првенство. Одеднаш стана „ин“ да се биде горд на припадноста кон Германија. Во првиот натпртевар против Костарика, германските репрезентативци за време на интонирањето на химната се гушнаа, а илјадници луѓе на стадионот и оние кои натпреварот го следеа на јавни места беа понесени од нивниот пример.

Подоцна тој нов момент на искажување на припадноста и љубовта кон татковината во германската јавност е оценет како „опуштен патриотизам“. Конечно германскиот народ најде начин да ја искаже здравата национална гордост - се коментираше во јавноста. Тој феномен сега се врежа во колективната свест и се повторува на секои две години, во ритамот на оддржување на европските и светските фудбалски првенства.

Веење на знамето - секогаш опасно

Берлинскиот социо-психолог Дагмар Шедиви го следи тој тренд и сега за него напиша книга под насловот „Сосем опуштено со црно-црвено-златните бои?“ Таа за време на трите последни фудбалски турнири спроведуваше анкети меѓу навивачите на улица. Резултатот од испитувањата гласи: мнозинството во прв ред сака да ја покаже припадноста кон својата нација. Шедиви смета дека тоа од социо-психолошки аспект е опасно, бидејќи гордоста со припадноста на сопствената група е секогаш поврзана со омаловажување на другите групи. Оваа теза ја потврдува и една студија на Институтот за истражување на судири и насилства при универзитетот во Билефелд, која се спроведува подолга низа години. Таа покажува дека анкетираните лица по 2006-та година биле повеќе националистички настроени отколку испитаниците пред 2006-та година.

Дителм Блекинг, научниок кој ги истражува прашањата поврзани со спортот има, пак, поинакво мислење. Тој укажува на тоа дека постојат само две студии на таа тема и оти тие не се особено репрезентативни. Така во рамки на истражувањето од Билефелд биле анкетирани помалку од 1.000 лица. Освен тоа, тој укажува на фактот дека во истражувањата се заклучува дека фудбалската еуфорија „не влијаела посебно“ на порастот на омраза кон странците. Блекинг тоа го наведува како доказ дека ни самите научници очигледно не се сигурни како да ги оценат тие промени во германското општество.

(Не)репрезентативна студија

И Дагмар Шедиви од своја страна спроведе анкета меѓу само неколку стотини граѓани, така што Блекинг е скептичен и кон нејзините заклучоци, зашто неколку стотини не можат репрезентативно да претставуваат нација од 82 милиони. Тој сепак во една теза се сложува со берлинскиот научник: имено дека во 2006-та година се случило „национално излегување од ормарот“ на Германците. Тој процес меѓутоа не започнал таа година, туку значително порано, уште со обединувањето на земјата во 1990-та година, тврди Блекинг. Уште во 1998-ма година писателот Мартин Валзер во неговиот славен и наголемо напаѓан говор во Франкфурт побара Германија да се ослободи од „товарот на минатото“ и да се престане со мафтањето над Германците со „морална прачка“.

Јирген Митаг професот на Високата школа за спорт и физичка култура во Келн работите исто така ги набљудува прагматично. „Овие настани се инсценираат како големи настани, а во тоа спаѓаат тогаш и националните симболи. Зад тоа нема никаков национализам туку повеќе станува збор за атмосфера на големо славје“, тврди Митаг.

„Случајот Езил“

Прав во Германија меѓутоа се крена по натпреварот меѓу германската репрезентација и Данска на ЕУРО 2012. Непознати лица преку социјалната мрежа Твитер покренаа подбуцнувачка, расистичка кампања против германскиот репрезентативец со турско потекло Месут Езил. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих реагираше веднаш истакнувајќи дека таквите расистички испади се „одвратни“. „Случајот Езил е само врв на сантата мраз“, оцени Фридрих.

Дали значи постои нов прикриен национализам во Германија? Професорот Митаг од Келн смета дека таквите случаи се поединечни инциденти на фрустрирани индивидуи или групи кои фудбалот го користат како вентил, бидејќи таа игра има големо општествено значење. И неговиот колега Блекинг е уверен дека заедничкото спортско доживување стои во преден план во дебатата за фудбалскиот патриотизам во Германија. Двајцата веруваат дека таквите доживувања на големи спортски манифестации имаат краткорочен ефект и многу бргу „испаруваат“.