1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов пад на кредитниот рејтинг на Ирска

Највлијателната рејтинг агенција Мудис натамошно ја намали кредитната способност на Ирска. Американската берза реагираше со пад на курсевите, а европската политика со негодување. За в петок закажан вонреден самит на ЕУ

default

По Грција и Португалија на ред дојде и Ирска: рејтинг агенцијата „Мудис“ синоќа соопшти дека ја намалила кредитната способност на Ирска за еден степен. Ова значи дека и ирските државни обврзници, според агенцијата имаат толку ниска вредност, како и на другите две земји погодени од кризата, Грција и Португалија, и дека тие се сметаат за непогодни за инвеститорите, се вели во соопштението на агенцијата „Мудис“.

Освен ова финансиските експерти прогнозираат дека трендот и натаму е негативен и можни се натамошни намалувања на кредитоспособноста на земјата. Агенцијата објавува уште една причина за овој чекор: се’ поизгледно е дека Ирска по истекот на моменталната програма за финансиска помош од ЕУ и ММФ на крајот на 2013 година ќе има потреба од нова поддршка пред да се врати на приватниот пазар на капиталот. Оттука доаѓа и лошата проценка.

Logo der Moody's Corp. in New York

Намалувањето на кредитната способноста на Ирска од страна на агенцијата Мудис веднаш предизвика реакции. Прва реагираше американската берза: преку целиот ден курсот таму не забележа некое позначајно придвижување, но кога кратко пред затворањето пристигна информацијата за намалување на рејтингот, курсот веднаш почна да паѓа. Поради тоа индексот Дау Џонс забележа најниска дневна вредност и речиси 0,5 проценти пониска вредност во однос на понеделникот. Еврото исто така забележа пониска вреднсот во однос на американскиот долар за речиси еден цент.

ЕУ лута на американските агенции

Проценката на агенцијата Мудис наиде на неодобрување во политиката. Комисијата на ЕУ во објавеното соопштение изрази жалење за овој чекор. Според неа, Ирска е на добар пат да излезе од должничката криза. Ирското министерство за финансии пак соопшти дека проценката на Мудис не е во согласност со проценките на другите големи рејтинг агенции. Освен ова Ирска ги презема сите мерки за да ги надмине проблемите предизвикани со должничката криза, при што е регистриран и напредок.

Polnische EU Präsidentschaft in Berlin Flash-Galerie

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле

Со оглед на должничката криза во евро-зоната, според дипломатите за в петок е планиран вонреден самит на земјите од евро-зоната. Можноста се’ уште се разгледува. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле смета дека вонреден самит на ЕУ за кризата со еврото, пред се’ би значел дополнителен психолошки сигнал за смирување на пазарите. Министрите за финансии веќе ги поставија основите на средбата изминативе два дена, подвлече министерот за првата програма на германската телевизија. Инаку централна тема на средбата на министрите за финансии беше вториот пакет помош за Грција. Исто така беа разгледани мерките кои треба да спречат, должничката криза да се прошири во други земји.

Автор: Александра Трајковска/дпа/дв

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM