1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов обид на Ал Каеда за напад врз САД?

По откривањето на два пакети со експлозив, упатени на адреси на еврејски институции во САД, јеменските власти денеска (30.10.) открија уште 26 сомнителни пратки. Уапсени се повеќе лица.

default

Пакетите биле полни со манипулирани тонери за печатачи

Сите 26 сомнителни пратки во моментов се предмет на истрага, се вели од кругови на јеменските истражни органи. Освен тоа, како што се јавува, приведени се и вработени во компаниите кои вршат авио-транспорт, како и вработени во одделот за транспорт на аеродромот во јеменскиот главен град, Санаа. Приведените треба да одговараат на прашања на истрагата околу сомнителните пратки.

Германските власти тврдат дека во моментов нема укажувања за можни планирани напади врз Германија. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие денеска во Берлин изјави дека владата, заедно со сојузниците и безбедносните власти, презема се` за заштита на населението. „Безбедносните мерки во Германија се на високо ниво, соодветно на ситуацијата“, изјави Де Мезие.

Кога американскиот претседател Барак Обама вчера попладне се појави пред новинарите во Вашингтон, стана јасна сериозноста на ситуацијата. Тој објасни дека во британски Ист Мидландс и во Дубаи се откриени два сомнителни пакета, упатени на адреси на еврејски институции во Чикаго.

„Првичната истрага покажа дека пакетите содржеле експлозив“, рече Обама.

Претрес на повеќе аеродроми

Obama / USA / New Orleans / Katrina

Барак Обама бил известен за пакетите во текот на ноќта

Советникот за борба против тероризмот, Џон Бренан, уште во текот на ноќта го известил претседателот Обама дека тајните служби имаат сомневања околу пакетите од Јемен. Во тој момент, меѓутоа, тие се‘ уште не биле пронајдени. Обама им дал наредба на министерствата и безбедносните служби да сторат се` што е потребно за да го заштитат американското население и да соработуваат со безбедносните власти на другите земји. Непосредно потоа, пакетите, кои биле на пат кон САД преку фирмите за транспорт УПС и ФедЕкс, се откриени прво во Велика Британија, а потоа во Дубаи. Во текот на денот е направен претрес и на повеќе американски аеродроми, а еден патнички авион, попладнето, бил дури придружуван од воени авиони на летот кон Њујорк. И во тој авион имало пакети од Јемен. Обама објасни:

„Освен тоа, дадов наредба да се преземе се` за да се утврди потеклото на овие пакети и да се истражи дали се тие во корелација со натамошни терористички заговори.“

Се` било „само проба“?

Jemen Bombe

Еден патнички авион беше придружуван од воени авиони на патот кон Њујорк

Се‘ уште не е јасно дали експлозивот во пакетите требало да биде активиран. Прво се шпекулираше дека е тоа некаква „проба“ со која треба да се тестира реакцијата на американските безбедносни власти. Советникот за прашања на тероризмот, Џон Бренан, изјави дека истрагата е во тек. Според негово мислење, меѓутоа, пакетите кои биле полни со манипулирани тонери за печатачи, требало да послужат за терористички напад.

„Ме вознемирува тоа што пакетите содржеа експлозив. Ако се работи за класична проба, тогаш таа нема да се изведува со експлозив. Но, дозволете да констатирам уште еднаш дека не знаеме за што биле наменети пакетите.“

Бренан не сакаше да шпекулира каква штета би предизвикале пакетите доколку експлозивот бил активиран и како тој требало да биде активиран. Според неговите изјави, досега нема ниту осомничени лица:

„Се обидуваме да откриеме кој се крие зад ова и кој сноси одговорност. Сакаме и да ги откриеме размерите на опасноста со која сме соочени.“

Ал Каеда во Јемен има стотици борци

Бренан, исто како и претседателот Обама претходно, рече дека терористичката мрежа Ал Каеда на арапскиот полуостров и натаму планира терористички напади врз САД. Се претпоставува дека во Јемен има стотици борци на Ал Каеда. Во меѓувреме, фирмата за транспорт УПС го запре лиферувањето стока од Јемен.

Сепак, сите членови на американската влада објаснуваат дека Американците не треба да се грижат и можат да ги реализираат своите планирани патувања. Белата куќа соопшти дека и претседателот не се откажал од своите планови за викендов. Тој, меѓу другото, ќе патува во Чикаго.

Автор: Кристина Бергман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM