1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нов обид за собирање на нелегалното оружје

Во Македонија има околу 170 илјади парчиња легално и приближно околу 170 илјади парчиња нелегално оружје. МВР навести уште една акција за доброволно предавање на нелегалното оружје во посед на граѓаните.

default

Цел арсенал нелегално оружје кај граѓаните

Министерството за внатрешни работи на Македонија изготви нацрт – верзија за измени во постојниот закон за оружје и навести уште една акција за доброволно предавање на нелегалното оружје во посед на граѓаните.

Портпаролот на МВР Иво Котевски вели за Дојче веле:

„По една година од стапувањето во сила, граѓаните кои во моментов поседуваат нелегално оружје, а тоа не потекнува, или не било употребувано во кривични дела, ќе можат да го предадат доброволно, без да бидат покренати никакви санкции против нив од страна на МВР.“

Доброволно предавање оружје, но и активност на полицијата и судовите

Подготвените измени во споменатиот закон ќе одат допрва во владина и парламентарна процедура. Со неа се предвидува и уште една новина: нов рок од седум години за пререгистрација на оружјето легализирано според старите законски норми. Во Македонија има околу 170 илјади парчиња легално и приближно околу 170 илјади парчиња нелегално оружје.

Мирјана Најчевска, професорка по предметот „Полиција и човекови права“ на Полициската академија во Скопје вака ја коментира најавената акција за собирање на нелегалното оружје: „Сметам дека е добра една ваква акција. Но, дефинитивно, никако не може и не смее да се сфати како изолирана мерка. Таа не може да биде замена за редовното работење на полицијата и на судовите. Ваквите акции на МВР се искористуваат од невладините организации за будење на свеста кај граѓаните во однос на она што претставува опасност од нелегалното оружје. Дефинитивно стојам зад една ваква акција, како еден вид комплементарно дејствување, кое ќе ја анимира јавната свест. Во секоја држава, во која имало некаков оружен конфликт, многу е очекувано на овој, или на оној начин, присуство на оружје и долготраен е процесот на негово извлекување од рацете на граѓаните.“

Abgegebene Waffen in Afghanistan

Моралистичките апели не даваат резултати – потребни се поостри казни!

Миодраг Лабовиќ, професор по криминологија и феноменологија на криминалното однесување на Полициската академија, нагласува:

„Очигледно е дека досегашните акции за разоружување не дадоа некои поголеми ефекти. Оваа акција на МВР е добредојдена, но, јас не сум приврзаник на тие моралистички апели, од кои се очекува да дадат поголеми ефекти врз основа на повикување на свеста. Јас сум повеќе приврзаник на тоа во ова законско решение, кое го подготвува МВР, да се прецизираат некои поконкретни правни механизми, кои ќе бидат обврзувачки и кои ќе наметнат обврска, но контролирана, оној што нема да ја исполни таа законска обврска да биде подложен на некои дополнителни оперативно – тактички полициски контроли, а потоа казните да бидат поостри.“

Доктор Најчевска е категорична.

„Борбата со нелегалното оружје е многу сложена и треба да се исползува се‘ што може да се искористи: од кампањите, повикувањето на здрав разум, давањето пари да се откупи нелегалното оружје, потоа простувањето на казните во одреден период, се‘ до полициските рации, санкциите, зголемувањето на казнените санкции и слично. Постојат две теории, од кои едната вели: „’секој граѓанин има право да се вооружи, за да може да се брани’. Таа е поприсутна во американското општество. Според другата теорија, ’треба да постојат органи, кои ќе ги бранат граѓаните’. Таа теорија е поприсутна во Европа. Јас се приклонувам многу повеќе кон оваа, вторава ’проевропска’ теорија. Пред периодот на оружениот конфликт сметам дека Македонија беше многу повеќе дел на европското милје и дел од европското размислување. Сега се отвори просторот за некои други видови размислувања и мислам дека треба да им го стесниме тој простор.“

Во своите редовни активности полицијата во земјата лани заплени 280 парчиња оружје, главно, пиштоли и калашникови, околу 13 илјади куршуми и 20 – тина рачни бомби. Биле поднесени 237 кривични пријави против 270 лица, поради недоволено поседување оружје, муниција и експлозивни средства.

Кај граѓани во Тетово и Гостивар откриени митролез и гранати

Mazedonien Land und Leute Tetovo

Во Тетово има повеќе поднесени кривични пријави за недозволено оружје

Покрај Скопје, Тетово и Гостивар предничат во бројот на нелегалното оружје. Според информациите од портпаролот на Секторот за внатрешни работи во Тетово, Марјан Јосифовски, во минатата година и во овие безмалку пет месеци од 2010 година во тетовскиот и гостиварскиот регион биле пронајдени и биле запленети 68 парчиња разновидно оружје, меѓу другото и една автоматска пушка со бајонет и еден митролез! Во овој период кај граѓани биле откриени една противтенковска и две минофрлачки гранати, како и три бомби. Тетовско – гостиварската полиција поднесла 45 кривични пријави против 53 лица, поради недозволено поседување оружје, муниција и експлозивни средства.

Граѓаните на Тетово за состојбата и за акцијата на МВР велат: „Има грабежи, има употреба на оружје по разни поводи, ноќни пукања, рафали ...Ова го потврдува фактот дека на нашето подрачје се потребни поостри мерки за целосно собирање на оружјето.“;

„Јас верувам тоа ќе биде собрано сто проценти.“;

„Не е лошо да се собере целосно тоа оружје што го има, а го има во значителни количества.“;

„Оружје има и повеќе одошто мислиме: од ноже до топови!“

Како и да е, наспроти статистиките дека полека се намалува арсеналот на оружје во Македонија, моментниот „експлозивен“ пораст на убиства, грабежи и други тешки кривични дела, извршени со оружје, ќе продолжи да предупредува дека безбедноста на граѓаните е основен предуслов за функционирањето на секоја правна држава, па и за Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска