1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Нов обид за забрана на НПД

Овојпат треба да успее: германските покраини бараат забрана за десноекстремната партија НПД. Барањето за забрана денеска се доставува до германскиот Уставен суд. Но, не сите сметаат дека тоа има смисол.

Десноекстремната партија НПД (Националдемократска партија на Германија) ја користи секоја можност: Постојано нејзините членови мобилизираат против странците, против доселувањето и за десничарските идеологии.

Дали во Берлин-Хелерсдорф, каде протестираа против доселувањето на баратели на азил во едно сместувалиште, или во текот на изборната кампања кога делеа кондоми на „странци и одбрани Германци“, или пак на интернет и на јавни манифестации, каде бурно негодуваат против парламентарната демократија.

На претставниците на германските покраини горе наведените примери сосем јасно им покажуваат: НПД е противуставна. Тоа за нив е доволна причина повторно да се обидат: НПД, која во моментов е застапена во два германски покраински парламенти, да биде забранета. Денеска, на состанокот на министрите за надворешни работи последен пат ќе биде разгледано барањето кое потоа ќе биде доставено до Уставниот суд во Карлсруе. Овојпат тоа ќе биде успешно, е оптимистичкото мислење на покраините.

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих не го споделува овој оптимизам. „Покраините самите ќе загубат“, рекол Фридрих, како што пренесува неделникот „Шпигел“. Сојузната германска влада и Бундестагот не учествуваа во ова барање за забрана на партијата.

Beratungsstelle für Opfer rechter Gewalt Back Up

Клаудија Луцар е во контакт со жртви од десниот екстремизам. И покрај тоа таа е против забрана на НПД

Исто така и Клаудија Луцар не верува дека барањето за забрана ќе донесе успех. „Во барањето нема нови сознанија. Мислам дека нема да има влијание“, вели Луцар, политиколог на факултетот во Дортмуд, која го има прочитано барањето.

Втор обид

Уште во 2003. година пропадна една слична намера: Тогаш германската влада под раководство на Герхард Шредер сакаше да ја забрани партијата НПД. Дали НПД е противуставна никогаш и не било оценувано од германскиот Уставен суд, бидејќи тогаш постапката беше прекината.

Проблемот во 2003. година беше тоа што сѐ до раководните слоеви на десноекстремната партија беа активни луѓе од доверба на полицијата и на Службата за заштита на уставот. Овие луѓе од државата добиваа пари, да и‘ пренесуваат важни интерни информации од партијата и исто така имале влијание врз раководството на партијата.

Во меѓувреме, информаторите веќе не биле активни во највисоките кругови на партијата. Сите информации кои стојат во барањето за забрана, биле собрани без нивна помош, велат покраинските министри за внатрешни работи.

Rechte Proteste Berlin-Hellersdorf NPD

Протести против барателитре на азил

НПД се финансира од даночни пари

Доколку постапката овојпат повторно пропадне, тоа би било катастрофално, смета Патрик Гензинг во разговор за ДВ. „НПД, откако не успеа постапката пред десет години, повторно вистински зајакна, бидејќи доби чувство дека не би можела да биде забранета“. Гензинг повеќе од десет години се занимава со десно-екстремно насилство и го пишува блогот publikative.org, воедно награден од Дојче веле со BOBS-Award.

И покрај ваквиот ризик Гензинг ја поздравува иницијативата на сојузните покраини: „За малцинството кое е изложено на подбуцнување од НПД, е неприфатливо да има таква партија во Германија“. Имено партијата во голем дел се финансира од даночни пари. Доколку биде забранета ќе биде запрен изворот на приходи.

Mathias Wörsching

Матијас Вершинг сака НПД да биде забранета

Матијас Вершинг исто така посакува НПД наскоро да биде забранета и на тој начин да не добива пари од државата: „Забрана за НПД би била голема помош за сите, кои во Германија се ангажираат против десниот екстремизам“. Вершинг работи за мобилното советувалиште против десниот екстремизам во Берлин.

Недостасува притисок од општеството за забрана

Но, и тој има задршки дали актуелната иницијатива на покраините ќе има успех: „Мислам дека критериумите кои во моментов се наоѓаат во барањето не се доволни“. Потребен бил значитечно посилен притисок од општеството, за да може да се спроведе забраната.

Овој притисок меѓутоа во моментов не е многу голем. Оти, и ако сите се единствени дека НПД е десно екстремна и противуствана, не сите се залагаат за забрана на НПД. Дури и политичари од партијата на Левицата и Зелените се изјаснија против.

И Клаудија Луцар не верува дека забрана би имала смисла: „Тоа би придонело за тоа функционерите да исчезнат во илегала и повеќе нема да можеме да ги контролираме. Проблемот со десно насилство на тој начин не е победен“.

Многу повеќе недостасуваат долгорочни проекти против десниот екстремизам, смета Луцар. Освен тоа полицијата, Службата за заштита на уставот, организации и научници би требало потесно да соработуваат за подобро да можат да и‘ се спротистават на десната идеологија.