1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов обид за забрана на десно-радикалната НПД

Бундесратот донесе одлука да поднесе барање до Уставниот суд на Германија за забрана на десно-радикалната партија НПД. Ризикот да не се успее како при обидот во 2003 год. мора да се прифати, сметаат покраинските лидери.

Партијата НПД беше идеолошка база за убијците од терористичката група Националсоцијалистичко подземје (НСУ), изјави во Бундесратот покраинската премиерка на Тирингија Кристине Либеркнехт. Од оваа покраина имено потекнуваат членовите на терористичката ќелија НСУ. Курсот на партијата НПД бил „агресивно-борбен против мирољубивиот поредок“. НПД е блиска до структурите подготвени за насилство и му штети на угледот на Германија во светот, изјави премиерот на Саксонија Станислав Тилих. Тој дополни дека не може да се допушти Германија тоа да го поддржува со пари од даночните обврзници. Во покраините Сакоснија и Мекленбург Предна Померанија, НПД има свои претставници во покраинските парламенти.

Имено, доколку партијата биде забранета, тогаш државата ќе ги укине средствата кои и‘ следуваат на партијата НПД во рамките на законски регулираното државно финансирање на партиите.

Бундесратот сега ќе поднесе барање до Уставниот суд во Карлсруе да ја расформира партијата, да го повлече нејзиниот имот и да забрани формирање на организација-наследничка. Премиерите на покрианите се убедени дека доказите собрани од внатрешните тајни служби, кои веќе се преточени на повеќе од илјада страници, ќе бидат доволни за да се убедат судиите на Уставниот суд во Карлсруе дека оваа деснорадикална партија е непријателски настроена кон уставот.

Во 2003 година беше одбиено заедничкото барање за забрана на НПД од Бундесратот, Бундестагот и германската влада, бидејќи до самиот врв на партијата беа инфилтирани информанти на Службата за заштита на уставот. Судиите тогаш не можеа да разликуваат дали приложените материјал потекнуваат од НПД или од информаторите на тајната служба. Во меѓувреме министрите за внатрешни работи уверуваат дека се повлечени информаторите од водечките структури на деснорадикалната партија НПД.