1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нов модел на недискриминација

До конституирање на Комисијата за заштита од дискриминација - најважен механизам во законот за борба против дискриманција, кој треба да стартува на први јануари наредната година, остануваат уште нецели 4 месеци.

default

Новиот закон за спречување на разните видови дискриминација треба да обезбеди институционална заштита на граѓаните и градење јавна свест против дискриминирањето - беше речено на вчерашниот форум на тема „Заштитата од дискриминацијата во законодавството на Македонија“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка од Скопје, невладината организација „Месечина“ од Гостивар и Институтот за меѓународна соработка на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово.

„Етничката дискриминација – доминантна“

Професорката Фатмире Љумани од овој факултет се задржа на, според неа, етничката и политичката дискриминација врз Албанците во Македонија:

„Ниту Охридскиот договор не ги обезбеди целосно правата на Албанците. Тие права се унапредени споредено со состојбата од

Fatmire Ljumani

Фатмире Љумани

порано, но, сепак, не е постигната целосна рамноправност на Албанците. Во една демократска држава правата на луѓето не се набљудуваат од призмата на процентите, од тоа колку ги има бројно.“

Нејзиниот колега, професорот Агим Нухиу, во истиот контекст нагласи: „Наспроти донесувањето на законот за заштита од дискриминација, во Македонија и натаму постои овој феномен, но доминантна форма е дискриминирањето врз основа на етничката припадност. Ова се забележува во решенијата на донесените закони, како и во нивната примена.“

Мухамет Точи од ромската невладина организација „Месечина“ вели:

„Ромите во Македонија не се протеруваат надвор од неа, како што сега е случајот со Ромите од Франција. Ромите од Македонија и не можат да бидат протерувани, бидејќи се тие нејзини државјани. Од земјата не се бркаат ниту припадниците на ромскиот народ, кои тука се засолниле од Косово.“

Но, Точи, предупредува:

„Постои протерување на Ромите од јавните објекти, на пример - од кафулињата, токму поради нивната етничка

Muhamet Toci

Мухамет Точи

припадност. Има протерувања на Ромите од различни ресторани, од базени низ државата.“

Сашо Клековски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во расправата посочи на една од суштинските новини во законот - Комисијата која треба да се основа и натаму да се грижи за спроведувањето на овој законски акти:

„Комисијата за заштита од дискриминацијата ќе има важни функции: да постапува според поплаките и претставките на граѓаните, ќе треба да им обезбеди правна заштита, а ќе има функција и во градењето на јавната свест во врска со дискриминацијата. Оваа комисија ќе треба да се конституира до 01.01.2011 година, кога ќе треба да започне примената на односниот закон.“

„Жената - Албанка во Македонија доживува и етничка и родова дискриминација“

Во расправата во амфитеатарот на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово се слушнаа критички тонови и во врска со родовата дискриминација. Д-р Фатмире Љумани во тие рамки рече:

„Положбата на жената во општествено-политичкиот живот е инфериорна и подложна на влијание од феноменот на дискриминацијата. И покрај фактот што постојат закони за заштита од родова дискриминација, овој феномен постои во примената на цела серија на културни, образовни и општествени прашања, како и на работните односи.“

За Дојче веле таа подвлекува дека жената-Албанка во земјата е подложена на двојна дискриминација:

Saso Klekovski

Сашо Клековски

„Албанската жена е дискриминирана двапати: и врз етничка основа и врз основа на родовата припадност како жена.“

Илбер Села, професор на Штуловиот универзитет во Тетово, во дебатата во овој форум го изнесе следниот став:

„Почитувањето на слободите и правата на човекот, како и институционалната заштита од дискриминацијата е еден од предизвиците, пред кои е исправена Македонија на патот на своето евроинтегрирање. Но, таа се‘ уште не постигнала целосна демократска консолидација за да функционира како правна држава, во која ќе има полно почитување на слободите и правата на човекот и граѓанинот без никакво разликување.“

„Не е гарантирана независноста и одвоеноста на Комисијата за заштита од дискриминација од политичкиот фактор“

Дојче веле побара мислење и од Мирјана Најчевска, експерт за човекови права и професорка во Институтот за социолошки и правно-политички истражувања од Скопје, околу сегашната легислатива против дискриминацијата. Таа истакнува:

Mirjana Najcevska

Мирјана Најчевска

„Самиот закон за дискриминација има во себе редица содржински и системски пропусти, кои создаваат недоверба дека тој ќе може навистина да го адресира проблемот. Комисијата која е предвидена со него е структурирана на таков начин што не се гарантира нејзината независност и одвоеност од влијанието на политичкиот фактор. Има и еден многу чуден елемент во преодните одредби на законот: не е предвидено усогласување на другите национални закони со овој акт.“

Најчевска нагласува:

„Во овој момент македонскотo законодавство не нуди ефективна заштита против различните видови дискриминација, а тоа може да се констатира и за капацитетите на судовите и другите правосудни органи да реагираат во услови на дискриминација.“

За денеска (21.09.2010) во Скопје е најавена промоција на публикацијата на професорката Најчевска и Александра Тасевска, која е насловена „Анализа на меѓународните стандарди и најдобри практики и постојните национални закони, политики и планови на антидискриминаторската легислатива“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска