1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нов историски успех на клупскиот ракомет

Веќе самото играње на два македонски клуба во фазата по групи во ракометната Лига на шампиони беше успех за историските читанки. Сега Вардар и Металург направија чекор натаму на европското патешествие.

Македонскиот ракометен шампион Вардар вчеравечер (09. 02.) во СЦ „Борис Трајковски“ пред полни трибини го совлада Динамо Минск со 30:22 (полувреме 14:11).

Победата за „црвено-црните“ со повеќе од два гола разлика значи и историски успех за македонскиот клупски ракомет со оглед на пласманот на две македонски екипи меѓу 16-те најдобри во Лигата на шампионите. Освен Вардар, по овој резултат и Металург обезбедува учество во ТОП 16 фазата.

Најефикасни во победничкиот состав беа Тимур Дибиров со 8 и Игор Карачиќ со 7 голови.

Голманите Инаке Малубрес и Страхиња Милиќ имаа по 8 одбрани. Со овој дуел заврши 8.коло во Ц групата од елитното натпреварување.

Македонскиот вицешампион Металург пак вчера, загуби на гостински терен кај Париз Сен-Жермен со 32:29 (полувреме 16:12).

Клучна за победата на фаворизираниот ПСЖ беше разликата направена во првите 10 минути кога парижаните водеа со 9:2. Следуваше тајм-аут за Лино Червар по што „металурзите“ ги средија редовите и до крајот на полувремето скоро ја преполовија негативата.

Во вториот дел македонскиот претставник не само што ја анулира предноста на домаќинот, туку во еден момент имаше и водство од еден гол, но не издржа до крај да му откине барем бод на најскапиот состав во Лигата на шампионите.

Микел Хансен со осум голови беше најзаслужен за победата на францускиот тим, а забележително издание имаше и Марко Копљар со седум погодоци. Кај Металург Ренато Вугринец и Гоце Георгиевски реализираа шест пати, Филип Миркуловски даде пет гола.