1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов израелски воздушен напад врз Сирија

Израел спроведе воздушен напад во близина на аеродромот во Дамаск во текот на минатата ноќ. Цел на нападот биле иранските ракети наменети за шиитското движење во Либан – Хезболах, инвормираше висок израелски функционер.

„Нападот беше многу блиску до аеродромот, а цел беа иранските ракети кои беа наменети за Хезболах“, изјави анонимниот израелски функционер за новинската агенција АФП. Информацијата претходно беше потврдена и од западен разузнавачки извор. Разузнавачот изјави дека „во синоќешниот напад, како и во претходниот, беа нападнати складишта со ракети Фатех-100, кои транзитираа од Иран до Хезболах“. Нападот во близина на сирискиот главен град го потврди и сириската државна телевизија, која информираше дека е нападнат воен и научно-истражувачки центар, по што следувала серија од експлозии.

Ова е втор напад во три дена, со што се праќа сигнал за засилување на израелската вклученост во сириската граѓанска војна. Воздушните напади се случуваат додека Вашингтон размислува како да одговори на индикациите дека сирискиот режим можеби користи хемиски оружја во граѓанската војна. Претседателот Барак Обама го опиша користењето на таквите оружја како „црвена линија“. Неговата администрација ги одмерува опциите, во кои е вклучена и можна воена акција.

Израелските власти претходно изјавуваа дека сакаат да останат настрана од бруталната сириска војна, но премиерот Бенјамин Нетанјаху повеќепати нагласуваше дека неговата земја е подготвена на воена акција за да спречи софистицирани оружја да се пренесат од Сирија до Хезболах или, пак, до други екстремистички групи.