1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов земјотрес во Италија, бројот на загинати расте

Нов силен земјотрес со интензитет од 5,8 степени според Рихтеровата скала го погоди североисточниот дел на Италија. Според последните информации, во потресот загинале најмалку 15 лица, а повредени се околу сто луѓе.

Информациите за бројот на загинати лица во новиот земјотрес што ја погоди североисточна Италија постојано се менуваат. Во потресот е предизвикана и голема материјална штета. Епицентарот на земјотресот бил со длабочина од 9,6 километри во околината на Модена, во близина на епицентарот на земјотресот, кој минатата недела ја погоди оваа земја и во кој загинаа шест лица.

Само час и половина по првиот потрес уште еден послаб земјотрес го погодил истото подрачје.

Според првичните информации, во земјотресот загинала една жена во местото Сан Феличе, а „Кориере дела Сера“ информира за уште три жртви и повеќе повредени лица. Властите најавија дека е можно да се зголеми бројот на загинатите.

Во местото Мирандола четворица работници останале затрупати под урнатините и спасувачките екипи се обидуваат да дојдат до нив.

Спасувачките екипи добиваат бројни повици за уривање на објекти во Мирандола, Финале Емилија и Сан Феличе сул Панаро.

Поради страв голем број жители на Болоња и на Милано излегле од своите станови и канцеларии. По потресот во Болоња дојде до прекин на сигналите на мобилните телефони. Голем број училишта беа евакуирани.

Земјотресот беше почувствуван и во Венеција, Винченца, Фиренца и Болцано. Потресот бил почувствуван и во Хрватска, од Истра па се’ до северозападниот дел на земјата.

Во земјотресот со слична јачина пред седум дена ги погоди североисточните делови на Италија, регионот Болоња, Модена и Ферара и тогаш загинаа седум лица. Голем дел од евакуираните од тој земјотрес денеска морале да ги напуштат и своите привремени живеалишта.