1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Нов Зеланд: Во запалениот балон загинаа 11 луѓе

Според наводи на полицијата, балонот се запалил во близина на местото Картертон, при допир со електрични инсталации кои предизвикале пламен. Во балонот се наоѓале пет двојки од Велингтон и пилотот.

Две од лицата кои се наоѓале во запалениот балон скокнале, но ниту еден не го преживеал падот. Според очевидци, од запалениот балон излегувал пламен висок десетина метри.

„Ја наводнував градината кога слушнав нешто. Погледнав нагоре и не можев да поверувам - една страна на балонот беше во пламен“, раскажува Дејвид Меккинли, еден од жителите на регионот кој се наоѓа на околу 150 километри од главниот град Велингтон. „Балонот леташе над дрвјата и изгледаше како пилотот да сака да ја зголеми висината на летање, но одеднаш се‘ беше во пламен и балонот се урна на земјата со голем трескот“, вели Меккинли.

Друг очевидец за ТВ Уан Нус изјави дека корпата на балонот се вплеткала во електрични инсталации. Полицијата соопшти дека причината за несреќата не е позната. Истрагата може да трае до една година. Денеска изутрина условите за летање биле добри, со добра видливост и слаб ветер. Регионот во којшто се случи несреќата важи за омилен меѓу љубителите на летањето со балон во Нов Зеланд. Ова е најголема ваква несреќа од 1963 година наваму.

Автор: ЕМФ/дапд

Редактор: С. Недевски