1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нов залет на критичарите на капитализмот

Децентрализирани протести наместо големи маршеви - така гласи формулата на Блокјупај. Ова движење на критичари на капитализмот планира нови демонстрации против строгите задачи за штедење за економски слабите земји од ЕУ.

Веќе сега кулите близначки во Франкфурт се гледаат од далеку. Новата зграда на Европската централна банка (ЕЦБ) која би требала да биде готова на есен 2014. година е висока околу 200 метри. Од неа финансиските стручњаци ќе ја надгледуваат заедничката европска валута. И заедно со ЕУ и со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе контролираат дали европските држави погодени од кризата ги исполнуваат зададените планови за штедење. Токму поради тоа новите кули близначки во источниот дел на Франкфурт би требало да станат цел на нов бран протести. Веќе на денот на нивното свечено отворање е планиран првиот протест. За тоа како тој точно би требал да изгледа се договараат членовите на движењето Блокјупај (Blockupy) во Франкфурт. Со протестот со кој тие се обидуваат да го попречат и блокираат работењето на Европската централна банка уживаат углед на сцената на критичарите на капитализмот и глобализацијата. Плоштадот на банките во Франкфурт е редовна цел на протестите кои ги организира Блокјупај . Минатата пролет 10.000 активисти и симпатизери на ова движење маршираа во градот. Многу од нив претходно учествуваа во организираните протестни кампови пред досегашното седиште на ЕЦБ.

Блокјупај не е роден во земјите погодени од кризата

Изминатите месеци беше тивко околу Блокјупај. На состанокот во Франкфурт околу 300 членови од Германија, Грција, Италија и Шпанија треба да заземат нов замав. „Планираме децентрализирани акции во цела Европа“, вели Роланд Зис од мрежата Атак. Франкфуртската полиција превентивно им понуди на оранизаторите на собирот и групите со кои соработуваат разговор. Тие сакаат во иднина да избегнат сцени како оние во пролетта 2013. кога дојде до жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Покрај Атак, на движењето Блокјупај припаѓаат разни левоориентирани групи и здруженија на невработени од повеќе европски земји. Колку полошо им оди на луѓето и колку повеќе имаат страв од иднината, толку повеќе се приклучуваат на протестите во Шпанија, Грција, Португалија и во Франција. Блокјупај од тоа профитира. Зачетокот на движењето, меѓутоа, потекнува од Германија.

Причина за тоа, помеѓу останатото, е фактот дека ЕЦБ има седиште во Франкфурт, објаснува трирскиот стручњак за економска социологија Оливер Нахтвеј. Освен тоа, вели тој, Германија важи за профитерка од кризата и заговорничка на политиката за строги штедења која бара драстични жртви од земјите на југот од Европа погодени од кризата. Во јужна Европа постојат други, национални протестни движења како Индигнадос во Шпанија.

Демонстранти од сите земји, обединете се!

Една од важните теми на конференцијата на противниците на глобализацијата и капитализмот која викендов се одржува во Франкфурт ќе биде и како различните протестни струи ќе се соединат во заеднички фронт. Социологот Нахтвеј не очекува брзи успеси. Причина за тоа се јазичните бариери и недостаток на пари. Нереално е да се верува дека ијладници демонстранти од други земји ќе можат да дојдат во Франкфурт. „Мислам дека иднината на движењето е пред сѐ во истовремени, но децентрализирани протести“, вели тој укажувајќи дека со ваква стратегија минатата година Блокјупај беше успешен и организираше истовремени протести во 70-тина европски градови.
Зајакнувањето на паневропските протести е ново и е вредно за внимане, смета германскиот социолог: „Тие се поврзани и синхронизирани како никогаш до сега по Втората светска војна.“ Тоа, укажува тој, дотолку повеќе восхитува затоа што нема централно водство. Концептот на еден или неколку лидери не е прифатен во овие групи бидејќи тие се противат на принципот ѕвезди.

Заеднички именител- критика на капитализмот

Децентрализираното раководство на движењето од друга страна пак го отежнува формулирањето на ставовите и целите. Во медиумското општество во кое живееме, објаснува Нахтвеј, потребно е да се има лица кои ќе знаат содржините медиумски ефектно да ги формулираат. Но тоа има и свои предности. Нахтвеј потсетува на левичарските движења од 1970-тите кога какво било отстапување од доктрините се сметало за предавство. Многу од тие групи имале конфликти и на крајот се распаднале поради интерни војни.
Роланд Зис од Атак пак нема проблем да соработува со радикални групи - ако постои најмал заеднички именител - а тоа е критика на капиталистичкиот состав: „Ќе најдеме пат како да излеземе на крај едни со други и покрај различните ставови.“ Социологот Нахтвеј гледа во таквата структура бројни предности. Можно е, вели, Блокјупај некое време да исчезне од јавната свест, но никогаш предолго. „Ваквите движења се бавни, но и многу одржливи“, заклучува тој.