1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нов закон или примена на постојните за здрави медиуми?

Политиката има значително влијание врз медиумите. Медиумскиот пазар е нерегулиран, законите се применуваат селективно. Казните за новинарите се сe’ повисоки, а самоцензурата е широко распространета, оценка на МИМ и ЗНМ.

default

Потребен ли е на Македонија нов закон за медиуми? Дали на јавниот сервис да му се даде право да емитува реклами во ударните термини? Како да и се врати достоинството на новинарската професија? Овие прашања и дилеми се актуелни деновиве. Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) подготвија акционен план за решавање на проблемите во медиумската сфера.

МИМ и ЗНМ бараат почитување на постојните закони

Двете инстутиции сметаат дека за подобрување на состојбата не е потребен нов закон туку примена на постојните.

Петрит Сарачини од МИМ за Дојче веле објаснува: „Тоа што се понуди од страна на Министерството за транспорт и врски сметаме дека голем дел од тие работи веќе ги има во македонската легислатива само што не се применуваат. Овој концепт за жал без консултација и инволвирање на медиумската заедница предвидува регулирање и на некои други области за кои не постои ниту општествен консензус ниту консензус во медиумската заедница. Став на МИМ е дека прво треба да се испочитува сегашната легислатива и таа да се применува неселективно и доследно“.

Radio Skopje

Дијалогот меѓу Владата и Здружението на новинари запна токму по прашањето дали е потребен нов закон или не. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ни изјави: „Нашиот став е дека предност треба да се даде на почитување на постојната законска регулатива. Во акцискиот план само детално се обработуваат тие прашања. Законска регулатива, владини реклами, декриминализација на навреда и клевета и реформа на МРТВ“.

Сите се одговорни за лошата состојба

Заедничка оценка на состојбата според двете институции е дека Македонија е високо политизирана држава, со значително влијание на политиката врз функционирањето на медиумите.

Mazedonien TV Alfa

Медиумскиот пазар е нерегулиран, а законите се применуваат селективно. Казните за новинарите се се’ повисоки, а самоцензурата е широко распространета. Професионалните и етичките стандарди во медиумите опаѓаат. За ваквата состојба придонеле речиси сите субјекти во медиумскиот простор (државните институции, политичарите, медиумите, сопствениците, новинарите).

Медиумската заедница ја препознава потребата од темелни и суштински промени во медиумската сфера и е подготвена да го преземе водството за надминување на оваа неповолна состојба.

Акциониот план за подобрување на состојбите со медиумите во Македонија, го подготвија група новинари, сопственици и претставници на медиумски организации и институции. Тој треба да биде база, платформа за сите натамошни политики за подобрување на медиумската состојба во Македонија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска