1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нов женевски „скен“ на старите македонски проблеми

Забелешките за загрозена слобода на медиумите во Македонија, мешање на власта во судството, селективна борба против корупцијата и дискриминација, беа нотирани и на седницата на Советот за човекови права на ОН во Женева

Човековите права во Македонија на хартија бележат прогрес, во практика регрес. Лакмус за ваквата состојба беа многубројните прашања за состојбата со човековите права, со кои беше „бомбардирана“ македонската делегација на седницата на Советот за човекови права на ОН во Женева (насловна фотографија). На расправата која се одвиваше во рамките на т.н. „Универзален периодичен преглед“, преку кој се испитува почитувањето на човековите права во сите 193 членки на ООН, Македонија ги доби истите забелешки, кои и досега се споменуваа во извештаите на меѓународни институции и организации. Загрозената слобода на медиумите, мешањето на власта во судството, селективната борба против корупцијата, дискриминација на малцински и ранливи групи, прогон на политички противници, беа само дел од прашањата адресирани до Македонија. Одговарајќи на прашањата на Велика Британија, Белгија, Чешка, Шведска, Германија и на Холандија поврзани со реформите во судството, реформата на казнениот систем и слободата на медиумите, Игор Џундев, претставник од македонското Министерството за надворешни работи, рече дека Македонија напорно работи на спроведување на препораките на ОН за унапредување на човековите права и ги спомена сите закони што се донесени во периодот од 2009 до 2013 година, како и стратегиите, мерките и националните програми што треба да се спроведат во иднина.

И покрај одличната презентација, присутните повеќе инсистираа на она што се случува во практиката, отколку во стратегиите на хартија.

Се тече, ништо не се менува

Воопшто не сум изненаден од забелешките, вели Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот Комитет (ХК) за човекови права на Македонија.

„Тоа се прашања кои ХК постојано ги актуелизира, а кога се игнорираат, тие не исчезнуваат, туку се мултиплицираат. Што доведе до ваквото стагнирање? Благите извештаи на ЕУ и воздржаниот став на меѓународната заедница се вратија како бумеранг, бидејќи не се реши тоа што тие го очекуваа - спорот за името и влегувањето на Македонија во понапредна фаза на интеграции, во која се надеваа дека овие проблеми ќе се решаваат дополнително и поквалитетно. Купчето што се криеше под тепих во меѓувреме порасна, состојбите се непристојни, а земјава според напредокот е на опашката во регинот. Токму затоа, ХК очекува поголема поддршка за унапредување на борбата за слобода на изразување, човекови права и добро владеење, која досега прилично изостануваше“, вели Калајџиев.

Иако според извештајот на државата се добива впечаток дека најголемиот дел од препораките се спроведени, организациите за заштита на човекови права сметаат дека во споредба со 2009 година, дополнително е загрозено уживањето на основните права и слободи од страна на граѓаните во областите: слобода на медиуми, независно судство, сиромаштија, образование, права на деца и жени, семејно насилство, ЛГБТ заедница, избори, услови во затвори и притвори, и вербалните и физички напади врз граѓански активисти и бранители на човекови права. Дел од овие забелешки ги нотираше Холандија, но постави и прашање - зошто продолжува процесот на лустрација и покрај бројните забелешките на Венециската комисија од 2012 година и враќањето на одредби кои еднаш беа оспорени од Уставниот суд? Одговорот се бара и во домашната јавност, но аргументацијата нема многу допирни точки со заштитата на човековите права.

Нема општествена реакција

Tomislav Kezarovski Skopje Mazedonien Strafprozess

Томислав Кежаровски (десно),

Политичарите најчесто зборуваат за човекови права во контекст на европските интеграции, но ако се имаат предвид резултатите на тој план, изгледа дека тие два збора најчесто се изговараат рутински, како „мантра“ која треба сведочи за нивната политичка коректност. Ако забелешките со години се исти, зошто ништо или многу малку се менува - каде исчезна општествената реакција? Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување корупција, смета дека „на некого“ му одговара ваквата ситуација.

„Точни се констатациите за негативните состојби кои најдиректно ги погодуваат човековите права. За жал, ние не правиме ништо за подобрување на овие состојби. Тука пред се мислам на власта, која има најголема одговорност за промовирање на позитивни политики кон човековите права. Но, одговорноста мора да се бара и во другите сегменти на општественото живеење, како што се граѓанскиот сектор, медиумите, академската заедница... Сите тие со својата пасивност или скриена инволвираност во владините политики, директно придонесуваат во загрижувачкото кршење на основните човекови права. Од друга страна, мора да се констатира дека, во значаен дел, власта своето опстојување го темели токму на ниското ниво на обезбедени човекови права. Токму затоа, подобрувањето на овие состојби е директно поврзано со постоењето на вистинска политичка волја за тоа“, укажува Малиновски.

Многу земји во Женева ја акцентираа политичка волја за изградба на независно судство и слободни медиуми и не штедеа прашања во тој контекст. Претставникот на САД изрази загриженост од мешање на власта во судството и медиумите, селективното гонење на политичките противници, малтретирање на притвореници и затвореници, корупцијата и употреба на јавните ресурси од страна Владата за партиски активности. Тие прашања секојдневно се акцентираат и во македонската јавност, но засега се „решаваат“ единствено во вербалните пресметки меѓу власта и опозицијата.

Соседски прашања

И соседите и поставија прашања на Македонија. Единствен кој во расправата беше спомнат по име од претставничката на Грција, е новинарот Томислав Кежаровски, која изрази сериозна загриженост поради пресудата за него и пораката што се испраќа со неа до новинарите. Бугарија смета дека во Македонија „цвета“ говорот на омраза и дека луѓето не можат слободно да кажат како се чувствуваат. Албанија ги поздрави напорите направени со Рамковниот договор за унапредување на правата на етничките заедници, но укажа и на потребата за нивно натамошно проширување, особено во насока на интегрирано образование. Во македонското МНР, со внимание ги следат забелешките од женевската расправа.
„Во однос на прашањето на Кежаровски, МНР не би можело да коментира, бидејќи овој случај е во судски процес и мора да се почитува поделбата на власта - извршната власт да не се меша во судската. Во контекст на препораките од бугарска страна, говорот на омраза не е својствен во Македонија, но секако дека со дијалог помеѓу двете страни можеме да ги надминеме недоразбирањата и различните перцепции. За интегрираното образование Македонија има стратегија за која настојува да ја имплементира на терен. Ова прашање е многу важно и се третира исто така и во рамките на ОБСЕ, бидејќи интеграцијата од најрана возраст треба да оди во двете насоки. Сите препораки кои ни се упатени, а секоја земја има право да каже што мисли, ќе бидат разгледани од Владата, а МНР соодветно ќе побара објаснување од релевантните институции за да може соодветно да одговори на нив“, велат од МНР.

Игнорирани критики

Naser Selmani

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани

Загрижувачката состојбата во медиумите, која заедно со забелешките за судството го држеше „приматот“ во расправата, не е изненадување, но прашањето е дали тоа ќе биде импулс за решавање на проблемите. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, се надева дека овие и критиките од меѓународни и европски институции, ќе помогнат да се изврши поголем притисок врз Владата за подобрување на состојбата во медиумите.

„Но, состојбите нема да се сменат само со надворешни критики. Тоа ќе се случи ако пораката стигне и до македонските граѓани. Не е мала работа прашањето на слободата на изразувањето во Македонија да се отвори пред ОН. Тоа е врвен приоритет и за интеграција на Македонија во ЕУ. Ако власта не постапува по забелешките на ЕУ за состојбата на медиумите, тогаш ќе се види дека европската интеграција не е стратегиска цел, како што тврди власта, туку само декларативна заложба за замајување на домашната јавност. Недозволиво е во земја кандидат за членство во ЕУ, Владата да води хајка против новинарите и да ги игнорира надворешните критики како да не постојат. И некои медиуми ги игнорираат овие пораки или уште полошо - водат пропагандни кампањи против претставниците на институциите што нив ги искажуваат. Со тоа помагаат во јавноста да се креира искривена слика за односот на светот кон нас и да се продаваат приказни за светски заговор против Македонија. За жал, за нашите неуспеси никогаш не ја бараме одговорноста кај себе“, вели Селмани.

Советот за човекови права почна со работа на 19.6.2006 како наследник на поранешниот орган на ОН - Комисијата за човекови права, која функционираше цели шест децении. Новина беше воведувањето т.н. универзален процес на проценка на состојбите во државите, како еден вид „технички преглед“ во сферата на кршењето на човековите права. Таа проценка е направена за сите држави во светот, со цел да се откријат пропустите и да се работи на нивно отстранување.