1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Нов ветер за извозот на грчките земјоделски производи

Големата криза ги принудува Грците да преразмислат за сопствената иднина. Долго време презреното земјоделство повторно станува атрактивно. Аграрните производи се интересни и од гледна точка на извозот.

Во ниту една земја од еврозоната извозот во првата половина од 2012 година не пораснал колку во Грција. Меѓутоа иако извозниот плус, според Евростат изнесувал 12 проценти, сепак надворешно-трговскиот биланс на Грција и натаму е негативен. Во таа насока мора да се преземат натамошни напори за зголемување на извозот. Згора на тоа слабеењето на куповната моќ на Грците ги принудува претпријатијата уште позасилено да се концентрираат на извозот. Тоа особено важи за земјоделството, чии капацитети од  почетокот на 80-те години наваму се намалиле за повеќе од половина. Во и без тоа скромниот извоз на Грција, тоа учествува со помалку од една четвртина.

Joachim Schalinski Redakteur

Јоахим Шалински, експерт за прехранбени производи од Германија

Според податоците на Германскиот завод за статистика во 2011 уделот на медикаментите во увозот од Грција изнесувал 13,5 насто, додека пак на фета сирењето, узото, маслинките и маслиновото масло земено заедно само 7,5 %. Тука може да се направи многу повеќе. Меѓутоа толку лесно земјоделските и прехранбените производи од Грција не можат да најдат место на полиците во германските супермаркети.  

Високи цени-ограничени количества

За да бидат прифатени во асортиманот на големите германски супермаркети, производителите мора да гарантираат поволна цена, висок квалитет, но и испорака на големи количества. Кај грчките производи потребни се значителни подобрувања, вели Јоахим Шалински, експерт за прехранбени производи од Германија: „Кога мислам на грчките вина, тие се апсолутно прескапи. Тие се навистина добри, но цената никако не е соодветна. Нема да платам 18 евра за шише грчко вино, само затоа што грчките структури ја бараат оваа цена“.

Главниот проблем, според Шалински е фактот дека грчките земјоделски производители не соработуваат меѓусебе, произведуваат речиси исклучиво за грчкиот пазар и премногу се потпираат на многу критикуваниот систем за субвенции на ЕУ. 

Нов претприемачки дух за земјоделството

Растечката невработеност по избувнувањето на рецесијата пред повеќе од четири години, принудува се’ повеќе Грци да ги напуштаат градовите и да си изградат егзистенција на село. Во овој период бројот на вработените во земјоделството пораснал за седум проценти. Меѓу новите земјоделци има многу академци, кои се ориентираат кон био-аграр, или пак се грижат за специјални производи, како одгледување полжави или печурки. Можеби овие нови земјоделци ќе развијат нов претприемачки дух кој е неопходен за постигнување успех на странските пазари.

За такво нешто, меѓутоа како прво е потребна подготвеност за соработка, смета Петрос Михелидакис, грчки трговски експерт.

„Како прво мора да биде истражен целниот пазар, неговата големина и дали соодветствува на производите, кои треба да бидат понудени. Потоа грчките земјоделци треба да изградат сопствени форми на организација, со цел производот, кој сакаат да го извезуваат, да го испорачуваат во неопходните количества и стандарди кои соодветствуваат на пазарот“, вели Михелидакис.

Petros Michelidakis Messe Düsseldorf Athen

Петрос Михелидакис, грчки трговски експерт

Нов имиџ

Но најважен е меѓусебен договор и развој на сопствено брендирање, со цел праските од регионот Вериа, јаболките од Пилио, или пак грчката гриз-супа „траханас“ да може успешно да конкурираат на пазарот. Во време на глобализација, грчките производи во странство би имале шанса само ако се разликуваат од другите, вели експертот за прехранбени производи Јоахим Шалински: „Веројатно и кај германскиот потрошувач би имало голема симпатија за грчките производи ако му се понудени со оригиналната автентичност и вредност и му бидат достапни во секое време. Но тоа не е така во моментов“.