1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Нов великан во женскиот ракомет?

Женскиот ракомет со згаснувањето на Кометал Ѓорче Петров на меѓународната сцена полека ги губи позициите. Дали е на повидок во името на Вардар, нова средина со шампионски контури?

default

Се’ почна од скоро и навестува дека македонскиот женски ракомет добива клуб со амбиции за највисоки дострели. Од неодамна во тек е темелната реконструкција на Вардар, еден од најстарите женски клубови во Македонија. Главен координатор на проектот е познатиот тренер, Ристо Магдинчев: „Сакаме да направиме квалитетна екипа, квалитетен клуб, еден европски Вардар за подолг период“.

Веќе започна фазата на составување на играчкиот кадар. Во тој поглед, патот по кој чекори Вардар е многу сличен на оној, по кој одеше Кометал Ѓорче Петров до европскиот врв: „Клубот го селектираме и засилуваме со квалитетни ракометарки од Македонија и од странство. Веќе ангажиравме седум ракометарки од Русија. Пет се од екипата на Кировчанка, две се од Динамо од Волгоград“.

За четири години во врвот на Европа

Mazedonien Risto Magdincev

Ристо Магдинчев

Стратегијата на ангажирање на квалитетни ракометарки, подразбира значителна парична инвестиција. Главниот финансиер е од странство. Магдинчев вели дека треба малку трпение околу името на спонзорот. Тој наскоро ќе и биде претставен на македонската спортска јавност: „Мислам дека добивме многу стабилен спонзор. Седнавме и поразговаравме дека треба да направиме проект, кој ќе го вивне Вардар во европски височини. За тоа е потребна добра финансиска конструкција. Засега се обезбедени средства за четири годишен циклус, во кој не би имале никакви финансиски проблеми. Тоа мислам дека е решено, останува сериозно да се посветиме на организацијата на клубот“.

Се работи за спонзор од странство? „Да. Се работи за спонзор од Русија, кој живее во Македонија“.

Според замисленото, капацитетот и квалитетот на Вардар, ќе го надмине сегашното рамниште на македонската лига, па амбициите ќе бидат насочени кон настапи во рамките на регионот и во Европа: „Во овој момент Металург е неприкосновен во македонскиот женски ракомет. Вардар со ракометарките, кои ги ангажира ќе му биде рамо до рамо. Наша цел е во наредната сезона да играме во Регионалната лига, која е формирана минатата година и нормално, да играме во Европските купови, каде би сакале да бидеме постојано присутни“.

Ракометна Академија-дел од проектот

Indira Kastratovic

Индира Кастратовиќ

Магдинчев потенцира дека клупската стратегија на Вардар подразбира и формирање на силен јуниорски погон со квалитетен тренерски кадар: „Клубот го организираме со формирање на Академија за млади ракометарки, значи пионерска и јуниорска школа. Тука се и вториот тим на Вардар и нормално, сениорскиот погон. Тренескиот кадар е многу важен и треба да биде претпазливо одбран. За мене, во моментов најпогдната личност е Индира Кастратовиќ, која ќе се грижи за јуниорките. Сериозно сметам на соработката со Драган Кузмановски, многу сериозен и перспективен тренер, кој ќе го води вториот тим. Планираме да донесеме искусен тренер од Русија, кој би ја водел школата на најмладите, пионерките. Се надевам дека и тоа ќе го реализираме“.

Според Ристо Магдинчев, плановите на Вардар се во наредните четири години да им се доближи на врвните европски екипи, а потоа да влезе во битка за најценетите трофеи во женскиот ракомет.