1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нов бран бегалци од северна Африка во Италија

Првпат по започнувањето на немирите во Либија, бегалци од брегот на северноафриканската земја пристигнаа во Европа. Пет бродови со речиси 1.500 луѓе допловија до италијанските острови Лапедуза, Линоза и Сицилија.

default

Брод со бегалци од Либија пред брегот на Лампедуза

Жителите на островот Лампедуза, од протест поради масовниот прилив на бегалци, вчера (29.03) ја запоседнаа општинската зграда во главниот град на островот. Според италијанските медиуми, рибарите се обиделе да го блокираат пристапот до пристаништето, врзувајќи ги бродовите еден за друг. Други демонстранти, пак, се обидоа да ја блокираат улицата кон пристаништето со превртени контејнери.

Со речиси 2.000 нови дојденци во текот на 24 часа, бранот на бегалци од Северна Африка достигна нова кулминација. Жителите на италијанскиот остров, оддалечен 120 наутички милји од тунискиот брег, бараат бегалците веднаш да бидат префрлени во други места во Италија. Со денови мигрантите на Лампедуза стануваат побројни од тамошните 4.500 жители.

Еден од луѓето што помагаат вели дека бегалците спијат под отворено небо:

„Едноставно не можам да го сфатам ваквиот однос на владата на една цивилизирана земја. Како може да не обезбеди услови за живот на островот, како за тамошните жители, така и за имигрантите кои доаѓаат? Тоа е намерно.“

Евакуирање на бегалците

Italien Lampedusa Flüchtling 14.02.2011

Жителите на Лампедуза бараат евакуација на бегалците

Жителите на островот ја обвинуваат владата на Берлускони дека тоа го прави намерно - лошите услови на Лампедуза треба да ги заплашат потенцијалните бегалци од Тунис и Либија. Досегашната политика беше безуспешна, тоа го согледа и владата во Рим и сега планира да испрати шест бродови во Лампедуза, кои можат да евакуираат до 10.000 бегалци.

„Тоа е првата добра вест после шест недели“, вели Џанмарија Спарма од регионалната влада на Сицилија:

„Ова е очигледно успех на жителите на Лампедуза со наша помош. Владата ги слушна нашите апели, сега само се надеваме дека денес и утре островот ќе биде евакуиран.“

Принудно враќање во Тунис

Italien Innenminister Roberto Maroni

Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони

Низ целата земја министерството за внатрешни работи обезбедува прифатилишта за туниските бегалци, кои доаѓаат со бродови. Но, според италијанскиот министер за внатрешни работи Марони, престојот на Тунежаните во шаторите и старите касарни нема да трае долго. Доколку Тунис не успее да го спречи бранот доселеници, Роберто Марони предупредува дека Италија ќе започне со принудно враќање на бегалците.

„Веќе подготвивме се‘, за денес, веднаш по состанокот на кабинетот, да започнеме со протерувањата. Тоа е секако сурова постапка, но од друга страна, туниските власти треба да ги спроведат договорите и самите да го решат проблемот“, истакна Марони.

Голем број Тунежани на своја рака ги решаваат проблемите на италијанскиот министер за внатрешни работи. За повеќето од нив Италија е само попатна станица на патот до Франција, каде живеат нивните роднини и пријатели. Оние кои ќе успеат, бегаат од слабо обезбедените прифатилишта и се упатуваат кон Франција. На железничката станица во Вентимиља, град на италијанско-француската граница, вчера (29.03) се отвори еден вид прифатен центар, за сите бегалци кои од француската граница повторно ќе бидат вратени во Италија.

Автор: Тилман Клајнјунг / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор:Симе Недевски