1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Нов атентат во Багдад

Во ирачкиот главен град денеска беше извршен атентат во кој животот го загубија најмалку 47 лица, а преку 110 се повредени

default

Веројатно две автомобил бомби беа поставени пред полициската станица, каде околу 100-тина лица чекаа да бидат регрутирани за работа во новите ирачки сили за безбедност.

Точно во 10 часот претпладнево одекна силната детонација на плоштадот пред полициската станица, среде бројните мали продавници и кафулиња. Плоштадот се претвори во голема урнатина со делови од зградите, помешани со метал, стакло и делови од тела. Додека спасувачките екипи ги згрижуваа повредените, насобраното мноштво извикуваше анти-американски пароли пред камерите на ТВ екипите што брзаа на местото на настанот. Полициската станица, пред која чекаат потенцијалните регрути, се наоѓа точно на северниот крај на познатата Хаифа улица, дел од Багдад што е веќе познат како тврдина на бунтовниците. Таму последен пат во неделата имаше престрелки меѓу нив и американските сили.

Ирачкиот министер за внатрешни работи Фалах ел Накиб го осуди атентатот како целно насочена акција за убивање на цивили и загрозување на интересите на Ирак. Тој посочи дека сторителите се веројатно арапски екстремистички групи.

Бранот насилство не се смирува ни во другите делови на Ирак. Ноќеска во Багдад загинаа уште двајца американски војници при патролирање. А во градот Фалуџа американските сили и ирачката национална гарда и понатаму ги продолжуваат операциите против наводните скривалишта на групата на Абу Мусаб ел Заркави. Поради сличната офанзива во северно-ирачкиот град Тал Афар, пак, Турција им се закани на САД дека ќе ја прекине сета соработка во Ирак. “Ако продолжи претераната примена на сила против цивили во Тал Афар, тогаш Анкара ќе ја прекине соработката со Вашингтон на сите полиња поврзани со Ирак“ , најави шефот на дипломатијата Абдула Ѓул. Турција се чувствува одговорна за заштитата на тамошното туркменистанско малцинство, додека САД ова подрачје околу градот Тал Афар го сметаат за скривалиште на странски борци, кои навлегуваат во Ирак преку Сирија.