1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ново согледување на вината за војните во поранешна Југославија?

Поделени реакции за последните ослободителни пресуди на Хашкиот трибунал за Анте Готовина, Младен Маркач и за Рамуш Харадинај и натаму одекнуваат во регионот.

Се чини дека реакциите на ослободителните пресуди кои Хашкиот трибунал ги изрече за Анте Готовина, Младен Маркач и Рамуш Харадинај потврдија дека Западниот Балкан се’ уште е оптоварен со военото минато. Хрватска и Косово ги зафати славеничка еуфорија, а Србија огорченост. Аналитичарите главно се согласуваат во оценката дека пресудите за Готовина, Маркач и Харадинај ја направиле сега бесмислена тезата за „еднаква одговорност на сите страни“ за воените судири во деведесетите години.

Сараевската адвокатка Васвија Видовиќ, која во Хаг го застапуваше поранешниот командант на Армијата на БиХ, Расим Делиќ и командантот на единиците на Армијата на БиХ во Сребреница, Насер Ориќ, смета дека пропаднал обидот на главната обвинителка Карла дел Понте да ја изедначи одговорноста на сите учесници во војните на подрачјето на поранешна Југославија.

Видовиќ тврди дека обвинението за здружен злосторнички потфат против генералите на хрватската војска, Готовина и Маркач не можело да се докаже: „Од 2000. година наваму поднесени се низа такви обвиненија. Да се потсетиме само на ослободителните пресуди по обвиненијата на Дел Понте во предметите на Сефер Халиловиќ, Насер Ориќ, Фатмир Љимај и Љубе Бошкоски. Многу предмети, кои најверојатно беа резултат на политички договори завршија со неуспех пред судскиот совет, бидејќи судиите сепак ги гледаат фактите“, вели Васвија Видовиќ.

Kosovo ehemaliger Premierminister Ramush Haradinaj UN Tribunal Freispruch Den Haag

Рамуш Харадинај

Карла дел Понте подлегнала на притисоци?

Хашкиот суд уште од самото основање беше цел на напади, посебно во Србија. Политичките елити вешто ги користеа пресудите за манипулирање со народот додека, според оценките на аналитичарите, на поранешната обвинителка Карла дел Понте се вршел притисок да обвини и високи воени и политички лидери од Хрватска, БиХ и Косово. „Така се одеше кон политика на изедначување на вината, што не е реална слика за војните од 90-те“, вели Видовиќ

За Србија, според оценката на аналитичарите, ова беше можност конечно да се соочи со военото минато и да расчисти со наследството на режимот, кој целиот регион го доведе до воени страдања. Меѓутоа реакциите во Белград не оставаат многу место за оптимизам. Во српскиот главен град, радикали палеа знамиња на ЕУ на САД и на НАТО, додека пресудата за Харадинај ја осудија и демократите, меѓу кои и претседателот на Демократската партија и градоначалник на Белград, Драган Ѓилас.

Kroatien Ante Gotovina Freispruch Jubel in Zagreb

Славје во Загреб по ослободувањето на Готовина

„Никој не е аболиран од вината“

Пресудите за Готовина, Маркач и Харадинај ги коментираа и некои меѓународни претставници, меѓу кои и поранешниот висок претставник за БиХ , Карл Билт, кој оцени дека  „судот во Хаг целиот регион го враќа во минатото“. Но претставничката на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Србија, Соња Бисерко, тврди дека проблемот е во тоа што Србија никогаш се нема соочено со минатото. Затоа, според неа, оваа земја е поразена на сите фронтови: воениот, политичкиот и економскиот.

Соња Бисерко смета дека ослободителните пресуди за Готовина, Харадинај и Орич имплицираат јасни заклучоци во поглед на вината за војните во 90-те години. „Сите ние знаеме дека Србија е одговорна за почетокот на војната и за агресијата врз сите соседни земји. Кога внимателно се читаат пресудите од Хаг, многу е јасно кој што правел тука. Никој не војувал на територијата на Србија, туку Србија војувала на тероториите на Хрватска, БиХ, а подоцна ја испровоцира и војната на Косово“, вели Соња Бисерко. Претседателката на ХК на Србија, меѓутоа, потсетува дека пресудите за Готовина и Харадинај не ги аболираат Хрватска и Косово од воените злосторства сторени за време на операцијата „ Бура“ и на војната во 1999 година.