1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ново сместувалиште за азиланти го подели Берлин

Сместувалиштата за азиланти во Берлин се преполни. Затоа беше отворено ново сместувалиште во населбата Хелерсдорф. Но, тоа доведе до нови проблеми и отвори дискусија во целата земја.

Бројот на баратели на азил во Германија расте. Изминатата година барање за азил поднесле 65.000 луѓе - 41 процент повеќе отколку во 2011 година. Во првите седум месеци од тековнава година веќе се поднесени 53.000 барања, а експертите сметаат дека до крајот на годинава ќе се достигне број од 100.000 баратели на азил. Некои политичари сметаат дека поради тоа мора да бидат прилагодени и рамковните услови.

Сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих неодамна најави дека Сојузната служба за миграција и бегалци наредната година ќе биде зголемена за 129 работни места. Зголемениот број на баратели на азил тој го посматра со загриженост. „Една ваква бројка секогаш значи дека луѓето мора да бидат сместени, дека комуните и покраините мораат да бидат содветно опремени.“

Во главниот град Берлин Покраинската служба за здравствена заштита и социјала на крајот на јули предупреди дека сите постоечки 30 сместувалишта за баратели на азил се преполни. Неопходни биле нови сместувалишта. Синдикатот Верди упати писмо до берлинскиот Сенат дека службениците во покраинската служба уште сега биле преоптоварени. Затоа веќе не можело да се гарантира стручна обработка на барања, при што ќе бидат земени предвид и индивидуалните судбини на барателите.

Ново сместувалиште во проблематична населба

Flüchtlingsheim in Berlin-Hellersdorf

Сместувалиште за азиланти во Берлин Хелерсдорф

Хелерсдорф е населба со градби од времето на поранешната ГДР и се смета за проблематична населба на Берлин, затоа што има многу жители кои зависат од државна помош, а таму живеат голем број мигранти од источна Европа. Хелерсдорф има малку места каде луѓето можат да дојдат во контакт. Животот се одвива меѓу дисконт за прехранбени производи, високи згради и улици со повеќе ленти. Насилството на улиците е секојдневие.

„Зошто токму тука, во оваа населба која е социјално жариште, се отвора сместувалиште за азиланти, а не во населба каде на луѓето им оди подобро?“ прашува еден жител. Друг вели: „Ние мораме да живееме со малку пари од државата, бидејќи не можеме да најдеме работа, а азилантите едноставно така добиваат пари? Нека се вселат таму каде луѓето имаат 5000 евра месечно, тогаш тоа нема да се забележи толку“. Во училиштето покрај сместувалиштето за азиланти се делеле ливчиња дека тука во иднина ќе биде отворена специјална паралелка за нивните деца, информираат жителите.

Со недели жителите протестираат против сместувалиштето за азиланти, не само преку собири, туку и преку социјалните мрежи. Сега ситуацијата ескалираше и случајот Хелерсдорф во меѓувреме ги зафати политичките фронтови во предизборна Германија. На почетокот на неделава во сместувалиштето се вселија првите баратели на азил. Политичарката од редовите на Зелените, Ренате Кинаст, истакна дека не е проблем растечкиот број на бегалци, туку целните акции на десните екстремисти.

Demonstrationen Hellersdorf

Дел од жителите им посакуваат дoбредојде на бегалците

Во вторникот (20.08.2013) на лице место демонстрираа десноекстремните партии, левичарските групи пак беа против нив. Во средата во Хелерсдорф се одржаа двојни демонстрации: на една страна беа претставници на Про Дојчланд, на друга функционери и приврзаници на Партијата на Левицата и СПД. Полицијата го обезбедуваше местото со 300 полицајци. Градоначалникот на Берлин Клаус Воверајт реагираше дека било неподносливо кога десничарски демагози се обидувале да предизвикуваат стравови. За весникот „Тагесшпигел“ политичарот од СПД вели: „Сега демократите мораат да се спротивстават, Берлин е светски град“.

Страв од ескалација

Еден жител на Хелерсдорф со полски акцент стравува дека ситуацијата за странците би можела да стане уште потешка. „Ако имаш акцент, тогаш десничарите веднаш мислат дека доаѓаш од сместувалиште за азиланти и потоа тепаат“. Приврзаник на Про Дојчланд, кој не сака да биде сметан за десен екстремист, дополнува: „Мојата сосетка израсна во сосема германски околности, но татко и‘ е од Африка, и пред неколку денови беше претепан, само затоа што има темна боја на кожата“.

Многу жители не го сакаат сместувалиштето за азиланти и тоа јавно го признаваат. Некои не сакаат да веруваат дека многу бегалци потекнуваат од Сирија каде се води граѓанска војна и ним им е потребна итна помош. „Прочитав дека тие плаќале по 7000 евра за да можат да дојдат овде, тие пари јас ги немам“, вели една жителка.

Дискусија во цела Германија

Политичарот од ЦДУ Волфганг Бозбах се заложи за кризна средба на сојузот, покраините и комуналните здруженија. Освен тоа, на локално ниво би требало да има повеќе персонал и помош. Грижите на жителите требаат да бидат сериозно сфатени, опомена Бозбах. Исто така не смее избрзано да се пренаменуваат болници или училишта кои се празни во нови сместувалишта.

Берлинскиот бискуп во Евангелистичката црква, Маркус Дреге, ги повика медиумите да контактираат со загрижените жители. Сличен став има и Герд Ландсберг, шеф на Германскиот сојуз на градови и општини. Тој апелираше до сојузот и покраините да ја подобрат нивната информациона политика.