1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ново отровно писмо за Обама

Американскиот претседател Барак Обама повторно доби сомнително писмо, кое е предмет на истрага на експертите на ФБИ.

Писмото, кое било фатено од страна на тајната служба, а било упатено до американскиот претседател Барак Обама, има сличности со писмото упатено до градоначалникот на Њујорк Мајкл Блумберг, изјави претставник на тајната служба. Во моментов се вршат тестови на писмото за да се утврди дали има отровни траги и од каков вид отров. Околу содржината на писмото се‘ уште не е познато ништо.

Писмото до Блумберг, според наводи на истрагата, содржело отров рицин и во него имало закани поради поддршката што градоначалникот на Њујорк ја даде за донесување поостар закон за оружје во САД. Полицијата завчера (29.05) соопшти дека слично писмо со рицин и закани е упатено и до директорот на организацијата „Градоначалници против илегалното оружје“, Марк Глаце. Таа организација е формирана на иницијатива на Блумберг, а членови се повеќе од 950 градоначалници во САД кои бараат поостар закон за оружје.

Сојузната полиција ФБИ смета дека трите писма најверојатно имаат ист испраќач, јавуваат американските медиуми. Според телевизијата Си-Ен-Ен испраќачот на писмото до Блумберг и Глаце се заканувал со употреба на насилство доколку полицијата се обиде да му го одземе оружјето. Блумберг изјави дека не се плаши и дека ќе продолжи со својата кампања за носење поостар закон за оружје во земјата.