1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ново кроење на „шестката“

Започна официјалната процедура за повторно одредување на границите на шестата изборна единица во тетовско-гостиварско-кичевскиот регион, поради согледаните отстапувања од законски најголемиот дозволен број на гласачи.

default

Тетово

Пред десеттина дена лидерите на ВМРО- ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз, Демократската унија за интеграција и на Нова демократија, расправајќи за предвремените парламентарни избори, се договорија за прекројување на границите на шестата изборна единица, по барање на партијата на Имер Селмани. Но, од претходно ова е барање и на Демократската партија на Албанците. Нова демократија поднесе и претставка до Уставниот суд за преоценување на границите на „шестката“.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten

Имер Селмани, лидер на Нова демократија

„Шестката“ како мегдан за изборни судири меѓу албанските политички партии

Субхи Јакупи, портпретседателот на Државната изборна комисија, истакнува за Дојче веле:

„Кога Државната изборна единица согледа дека во шестата изборна единица има зголемување на бројот на бирачи за повеќе од 5 проценти, колку што најмногу дозволува членот 4 од изборниот закон, таа најпрвин се обрати со службен допис до Министерството за правда, за да го информира за ова отстапување. Ова министерство веднаш презеде активности и ги информираше Владата и Парламентот за агендата на постапките како ќе се редефинира оваа изборна единица.“

Тој дополнува:

„Во овој момент во неа има регистрирани 327 илјади и 479 бирачи, односно за 7, 34 проценти над цензусот, или за 7 илјади и 163 гласачи повеќе од дозволеното. Државната изборна единица не може да редефинира како ќе изгледаат границите на оваа изборна единица, ниту може да сугерира каде ќе се префрла дел од нејзините бирачи над законскиот цензус. Но, може да укаже каде има празнини, поточно, каде има помал број на гласачи во другите единици. На пример, во изборната единица 5 има за 2,37 проценти помалку гласачи, споредено со цензусот. Во изборната единица 1 има за 0,39 проценти помалку гласачи, споредено со пропишаното законско ниво. Овие две изборни единици се граничат со ’шестката’ и во нив може да се префрлат дел од гласачите. Но, тоа е веќе работа на Министерството за правда, на Владата и на Парламентот.“

Редефинирањето на шестата изборна единица не е обична чкртаница по изборната мапа: Нова Демократија, ДУИ, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ овие денови никако да се усогласат кое село, или општина, од подрачјето на „шестката“ да се префрлат во првата, втората, или петтата изборна единица. Особено е жестока борбата меѓу албанските партии чиј предлог да биде прифатен.

Зошто ? – го прашавме политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Гостивар:

Тој одговара:

„ Албанските партии добиваат пратеници и во ’двојката“, и во ’единицата’, и во ’петката’, но, најголемиот број пратеници-Албанци – 15 или 16, се добиваат во ’шестката’ и сигурно е дека тука сите ќе настојуваат да ја обезбедат победата. Во оваа изборна единица ќе биде најжестока битката меѓу албанските политички партии.“

Wahlen Mazedonien

„Шестката“ има 80 отсто гласачи-Албанци – за кого ќе гласаат, тој ќе победи на изборите

Муслиу е категоричен:

„Во оваа единица, каде што албанските гласови се најконцентрирани, кој ќе ги добие нив и имиџот му е повеќе осигуран да стане победник. Сите натпреварувачи од албанските партии ќе настојуваат да го освојат приматот во ’шестката’.“

Напоменувајќи дека „на партиите им е поважно колку ќе имаат свои пратеници по изборите, отколку рамноправноста и изразувањето на политичката волја на бирачите“, професорот по политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје Назми Малиќи посочува:

„Тој број на гласачи на партиите не им е многу битен: за нив повеќе значи и тие се интересираат да имаат колку повеќе пратенички места. Не им значи желбата, или волјата на граѓаните со право на глас.“

Потпретседателот на ДИК, Јакупи заклучува:

„Останува ист бројот на пратеници, кои се избира од секоја изборна единица – по 20. Редефинирањето на границите на таа изборна единица се прави со намера да биде ист бројот на гласачите по изборните единици, кои ќе гласаат за 20 пратеници, односно бројката на тие гласачи да може да варира најмногу од минус до плус 5 проценти. Настојувањата се да биде иста тежината на секој глас, затоа и се прекројува шестата изборна единица. Нема да биде изгубен ничиј глас.“

Со еден збор, аналитичарите во албанскиот политички блок заклучуваат дека „редефинирањето на границите на шестата изборна единица ќе влијае најдиректно врз тоа кој ќе добие најмногу од гласовите на албанското бирачко тело во земјата, како и врз тоа која од тие партии ќе учествува во формирањето на новата влада по изборите“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски