1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ново забрзување за решавање на спорот за името

По неколкумесечно затишје, обидите за решавање на спорот за името влегуваат во позасилена фаза, по најавите за состаноци на функционери од двете земји и посета на медијаторот на ОН, Метју Нимиц во регионот.

default

Милошоски денеска се среќава со Друцас во Лондон

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и грчкиот заменик министер Димитрис Друцас ќе се сретнат денеска во Лондон, на маргините на Меѓународната конференција за Авганистан. Освен за разликите меѓу двете држави околу спорот за името на Република Македонија, се очекува Милошоски и Друцас да разговараат и за други аспекти од билатералните односи.

Проблемот околу спорот со името на Македонија ќе биде меѓу главните теми и на разговорите кои се очекува да ги води грчкиот заменик-министер за надворешни работи Димитрис Друцас со американскиот државен секретар Хилари Клинтон, на 2 февруари во Вашингтон, објави грчката интернет страница „Ин њуз“.

Вчера од кабинетот на преговарачот Метју Нимиц ја потврдија и информацијата дека тој наскоро ќе ги посети Скопје и Атина. Според вчерашната изјава на министерот Милошоски, Нимиц се очекува во регионот на крајот на февруари, или почетокот на март.

Дали македонската влада е дел од проблемот или од решението?

Истовремено се зголемува и притисокот и се множат негативните оценки од европските политичари кон владата во Скопје. Во Комитетот за надворешни работи на ЕУ, во вторникот, се слушнаа повеќе оценки дека иднината и безбедноста на земјата би можеле да бидат загрозени поради тапкањето во место. Најострата порака ја упати словенечкиот европарламентарец Јелко Кацин:

„Елементарното прашање е дали оваа гарнитура е дел од проблемот или дел од решението. Ако е дел од решението, нека се докаже и нека постигне компромис, ако не може нека го каже тоа, нема потреба да се покажува со прст на соседите. Не може да се добијат преговори без решение на името. Ако си дел од решението, ќе ги собереш сите политички поени и ќе бидеш заслужен за европската иднина на Македонија. Ако си дел од проблемот, докажуваш дека си дел од балканското минато на таа иста земја“, рече Кацин.

Евроамбасадорот во Македонија, Ерван Фуере и известувачот за Македонија Зоран Талер, пак, оценија дека на земјата и‘ се заканува и дестабилизација доколку не го реши спорот со Грција, кој е клучот за отворање на евро-атлантските перспективи на земјата.

Автор: БГ/ЕМФ/дв/миа/макфакс

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM