1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови тонови на реката Хадсон

Во ерата на претседателот Џорџ Буш односот на САД кон ОН го карактеризираше затегнатост. Големи надежи ОН врзуваа за доаѓањето на Барак Обама на чело на единствената преостаната светска супер-сила, се чини не неосновано.

default

Претстојните настапи на Барак Обама во ОН ќе бидат пречекани со аплаузи - тоа го очекува дури и Џон Болтон, во времето на Џорџ Буш американски претставник во светската организација, кој - како и претседателот - немаше некаков респект кон неа. Но, Обама води значително поинаква политика во однос на ОН: САД му пристапија на Советот за човекови права, ја потпишаа конвенцијата за правата на хендикепираните, повторно ставаат на располагање пари за невладини организации кога тие информираат за планирање на семејството, ги поддржуваат милениумските цели на ОН и повторно имаат намера да го плаќаат својот членски придонес во светската органиција. Барак Обама не само што ќе одржи повеќе говори во ОН, туку и ќе претседава со една вонредна седница на Советот за безбедност, што претходно не го направи ниту еден американски претседател. Државниот секретар Хилари Клинтон деновиве нагласи:

„Мислам дека ОН во нивното најдобро издание се решавачка и централна институција, а САД имаат голема тежина во неа“.

Barack Obama und Ban Ki moon

Барак Обама и Бан Ки Мун

Успешно презентиран политички пресврт

Работата на сегашниот претставник на САД во ОН Сјузен Рајс наидува на пофалби од сите страни. Во кругови на светската организација се вели дека таа точно ги знае ставовите на нејзиниот шеф и затоа може да донесува брзи решенија и ангажирано да го претставува тој политички пресврт.

Dringlichkeitssitzung des UN-Sicherheitsrats zu Kaukasus Krieg

„Ние видовме колку не чини кога не се анагажираме. Моравме да платиме цена за тоа што ги отфрливме ОН и ги одбивме нашите меѓународни партнери“, рече неодамна Рајс во говор на универзитетот во Њујорк. Таа во петокот нагласи дека САД исто толку „драматично“ ги промениле тонот, содржината и спроведувањето на дипломатијата во ОН, колку и приодот кон институцијата, како и погледот врз мултилатерализмот воопшто. Така САД во наредниве денови сакаат на маргините на заседанието на Генералното Собрание на ОН да се дојде чекор поблизу до решенија за различни кризи. Притоа ќе стане збор за атомскиот спор со Иран, конфликтот со Северна Кореја, разоружувањето, промената на климата, човековите права, како и ситуацијата во Конго и Сомалија. Притоа, новата американска влада е свесна и за слабостите на ОН, кои своевремено придонесоа почетното воодушевување на владата на тогашниот претседател Бил Клинтон да се претвори во фрустрација.

Автор: Кристина Бергман/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска