1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Нови тензии во Кашмир

Во немирната провинција Кашмир во граничната област кон Пакистан се убиени петмина индиски војници. На претпазливиот процес за приближување меѓу двете соседни држави му се заканува назадување.

Најмалку пет индиски војници се убиени денеска (05.08) во напад во регионот Кашмир, долж границата со Пакистан, изјави висок индиски службеник. Војниците биле нападнати додека патролирале на демаркационата линија. Армијата на соседната исламска држава ова го демантираше - не се сличила никаква престрелка во која учествувале пакистански војници, беше дециден армискиот портпарол.

Нападот е во време кога Индија и Пакистан прават напори за обновување на мировните преговори, прекинати во јануари по нападите на границата во кои загина еден индиски војник. Главниот премиер на индиската сојузна држава Џаму и Кашмир, Омар Абдулах, на својот „Твитер“ профил објави: Рано изутринава бев информиран дека петмина наши војници се убиени на границата. Изразувам длабоко сочувство до нивните семејства. Ова не оди во прилог на нормализацијата или подобрувањето на односите со Пакистан“.

Индија го обвинува Пакистан за поддршка и вооружување на исламистичките бунтовници во Кашмир, што од Исламабад го демантираат и признаваат само морална поддршка на претежно муслиманското население во овој хималајски регион. Од прогласувањето независност од Велика Британија, во 1947 година, Индија и Пакистан трипати водеа меѓусебни војни, од кои две за Кашмир. Од 2003 година во спорниот регион важи примирје.